Марихуаната била најдена во багажниот простор и задната клупа на возило што се транспортирало на шлеп-служба

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поведе истрага против три лица, откако полицијата запленила над 150 килограми марихуана во близина на Свети Николе.
Според информациите наведени во соопштението од ОЈО ГОКК, двајца од осомничените ја набавиле дрогата и ја сместиле во патничко возило со странски регистарски таблички, специјално купено за оваа намена. Потоа го ангажирале третоосомничениот кој со шлеп-служба го превезувал возилото со дрогата, додека другите двајца се движеле пред него како претходница.
На 26. овој месец околу 22:30 часот полициските службеници ги запреле возилата на регионалниот пат во околината на Свети Николе.
„При преглед во возилото што се транспортирало со шлеп-службата во багажниот простор и задната клупа биле пронајдени осум торби со наркотична дрога – марихуана, спакувана во 50 пакувања со вкупна тежина од 150, 0394 килограми“,
велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител достави предлог за одредување мерка притвор, кој е прифатен од судија на претходна постапка.
Тројцата се сомничат за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Опис на случајот дадоа и од Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека 37-годишниот М. З. од Струга купил моторно возило „опел комбо“ со швајцарски национални ознаки, во кое заедно со 61-годишниот И. Б. сместиле наркотична дрога марихуана. Потоа го контактирале Г. Б. (59) со цел моторното возило да биде шлепувано од Струга до Скопје за цена од 200 евра, бидејќи не било во возна состојба.
Кога стигнале во Скопје, М. З. и И. Б. побарале од Г. Б. за сума од 40 евра да продолжи да вози до Свети Николе, зад моторното возило „мерцедес“ во кое тие се превезувале.
На регионалниот пат во близина на Свети Николе, полициските службеници, по претходно добиени информации дека ќе биде извршен транспорт на поголема количина дрога, го запреле товарното возило „ивеко“, кое го шлепувало возилото „опел комбо“, и при преглед на задната клупа и во багажниот простор на возилото „опел“ се пронајдени осум торби во кои имало 50 пакувања со марихуана.
