Премиерот нагласи дека кога соседите се почитуваат, кога културите се среќаваат и се надополнуваат, тогаш се отвораат нови можности и хоризонти за заеднички проекти, но и за трговија, за инвестиции, за млади кои учат еден за друг, еден од друг
Премиерот Христијан Мицкоски вечерва се обрати на Светосавската свечена академија и порача дека овој настан со својата духовна и културна димензија нè потсетува на трајните вредности што нè поврзуваат.

„Денешниот ден посветен на светителот Сава ги истакнува просветата и духовното единство на српскиот народ, вклучително и на граѓаните кои живеат тука во Македонија, но во исто време е еден од камен темелниците на балканското духовно и културно наследство заедно со светлите ликови и датуми на останатите балкански народи“,
објави премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека сите се должни да ја негуваат меѓусебната почит и разбирање и на тој начин да ги продлабочуваат заедничките врски како народи.
„Тука во Македонија со векови сме живееле токму така, како мозаик од различности, сме соработувале, сме се радувале на убавите работи и сме тажеле заедно кога било тешко и заедно сме успевале да ги пребродиме сите предизвици. Доволно се делевме и спротивставувавме“,
потенцира Мицкоски.
Премиерот нагласи дека кога соседите се почитуваат, кога културите се среќаваат и се надополнуваат, тогаш се отвораат нови можности и хоризонти за заеднички проекти, но и за трговија, за инвестиции, за млади кои учат еден за друг, еден од друг.
„Тоа е нашата иднина, иднината на регионот. Ние не сме осудени да живееме еден покрај друг, туку сме судбински врзани да работиме еден за друг, еден со друг, за подобро заедничко утре“,
додаде премиерот во објавата.
На Светосавската свечена академија присуствуваат вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заменик-претседателот на Владата за политички систем Љупчо Димовски, Милош Вучевиќ, личен претставник на претседателот на Србија, вицепремиерката и министерка за економија Адријана Месаровиќ, српскиот министерот за култура Никола Селаковиќ, Ѓорѓе Миличевиќ, министер задолжен за координирање на активностите и мерките во областа на односите со Србите во регионот и дијаспората, и претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ.
