Од ЦУК велат дека иако водостојот на реките Струмица и Тркања бележи благ пад, на одделни места сè уште има појава на заезерување

Обилните врнежи од дожд кои ја зафатија територијата на Македонија предизвикаа сериозни штети во неколку региони. Според последниот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до 13 часот, најкритична е состојбата во Струмичкиот и Штипскиот Регион, каде што има поплавени земјоделски површини и оштетена инфраструктура.
Од ЦУК велат дека иако водостојот на реките Струмица и Тркања бележи благ пад, на одделни места сè уште има појава на заезерување.
Во селото Муртино се поплавени дворови на куќи, пластеници и големи земјоделски површини, а на терен се ангажирани пет булдожери, пет камиони со песок и багери за интервенција на критичните локации.
Од надојдените води на Тркањска Река има загуба на 120 овци и 100 јагниња на жител од село Костурино.
Во Штип, покрај инцидентот кај Клиничката болница каде срушен потпорен ѕид оштети две возила, сообраќајот е отежнат на неколку патни правци.
Екипите на „Македонија пат“ постојано интервенираат на правците Истибања – Делчево, Виница – Берово и Берово – Струмица поради зачестени одрони и свлечишта.
Во Скопскиот, Кумановскиот, Битолскиот, Охридскиот и Тетовскиот Регион нема пријавени штети од врнежите, а во Велешкиот Регион од браната „Мавровица“ кај Свети Николе продолжува прелевање на вода од два сантиметри над максимумот, но засега нема директна опасност за околните населени места.
