Претседателот на Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“, Горан Трпковски, вели дека новиот начин на евиденција за престој во Шенген-зоната го отежнува нивното секојдневно работење и редовното одржување на меѓународните линии за превоз на патници. Ограниченото движење на професионалните возачи, како што рече, ќе доведе до економски последици, намалување на приходите во туризмот, затворање на фирми и мали бизниси, губење на странските партнери и огромен пад во стопанството
Автобуските превозници најавија дека ќе се приклучат на протестот на камионџиите на граничните премини доколку европските институции не донесат поволно решение за непречено функционирање на меѓународниот превоз што ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока.

Претседателот на Асоцијацијата на автобуските превозници „Исток“, Горан Трпковски, вели дека новиот начин на евиденција за престој во Шенген-зоната го отежнува нивното секојдневно работење и редовното одржување на меѓународните линии за превоз на патници. Ограниченото движење на професионалните возачи, како што рече, ќе доведе до економски последици, намалување на приходите во туризмот, затворање на фирми и мали бизниси, губење на странските партнери и огромен пад во стопанството.
„Нашата заложба e идентична со ставовите на членките на Асоцијацијата ‘Макам-транс’ и сме подготвени на заеднички протест доколку не се донесе поволна одлука која ќе обезбеди непречено функционирање на меѓународниот превоз и заштита на стопанството“,
изјави Трпковски.
Тој вели дека последиците од новите правила на ЕУ за престој во Шенген-зоната би биле поразителни ако се земе предвид статистиката дека на месечно ниво во 2025 година во земјава во просек престојувале по 100 000 туристи за кои автобуските превозници и туристички агенции извршиле превоз на различни дестинации.
„Нашите компании со години наназад вршат превоз на балкански тури што гравитираат низ земјите во регионот, вршат меѓународен превоз организиран од страна на тур-оператори и туристички агенции, а новиот начин на евиденција го отежнува нивното секојдневно работење, како и редовното одржување на секојдневните меѓународни линии за превоз на патници“,
вели во изјава за МИА претседателот на Асоцијацијата „Исток“ Горан Трковски.
Камионските превозници од Македонија заедно со своите колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина од вчера го блокираат товарниот сообраќај на граничните премини кон Шенген-зоната. Причината за блокадите е незадоволството на транспортните превозници од воведувањето на системот за влез и за излез од Европската Унија, според кој превозниците со камиони од земјите од Западен Балкан ќе се регистрираат како туристи и ќе можат да останат во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.
