Објаснувајќи ја поврзаноста, генсекот на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, денеска на прес-конференција наведе дека таа оди преку фирмата за облека „Трго строј“ ДОО Скопје, чиј сопственик и управител е Оливера Доновска, сопруга на газдата на „Пирамид билдинг солушнс“. Нејзе како содружник во фирмата во април 2025 година ѝ се приклучил Јовица Нелоски, татко на шефот на кабинет на премиерот Христијан Мицкоски, Владимир Нелоски
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска објави нови сознанија кои, како што велат од партијата, покажуваат дека сопственичката шема околу фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски.

За оваа фирма, антикорупцискиот тим на СДСМ во неколку наврати објави дека добила 51 тендер во вредност од 16 милиони евра во општини кои се водени од кадри на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Преку нашата дигитална платформа ‘МИЦКО.мк’ откривме и дека нејзиниот сопственик бил член на Избирачки одбор токму од ВМРО-ДПМНЕ. Тендерската мрежа се шири преку семејни и партнерски фирми, кои добиваат милионски договори од институции под контрола на власта“,
изјави денеска на прес-конференција генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, презентирајќи ја новата „бомба“.
Пред да ги соопшти новите сознанија, Димитријевиќ потсети дека антикорупцискиот тим на социјалдемократите веќе открил дека сопругата на сопственикот на „Пирамид билдинг солушнс“, Оливера Доновска, има фирма со Филип Гулевски, кој со друга фирма добил тендер од Министерството за спорт за проектирање и изведба на спортски сали во општините Крушево и Аеродром во вредност од 1,1 милиони евра.
„Денеска откриваме нова бомба, нов скандал, оваа пирамидална мрежа на тендери и фирми води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот шеф, Владимир Нелоски“,
рече Димитријевиќ.
Објаснувајќи ја поврзаноста, генсекот на СДСМ наведе дека таа оди преку фирма за облека „Трго строј“ ДОО Скопје, на која како содружник во април 2025 година ѝ се приклучил Јовица Нелоски, татко на шефот на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, Владимир Нелоски.
„Оливера Доновска, сопругата на газдата на ‘Пирамид билдинг солушнс’, Петар Доновски, е сопственичка и управителка и на трговската фирма со облека ‘ТРГО СТРОЈ’ ДОО Скопје, основана 2019 година.
По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.04.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски. Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски.
Дали сега е јасно? Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма. А, како што покажавме, имаат и тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општини, 9 милиони евра за двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку ‘Пошта’“,
наведе Димитријевиќ.


Ова, како што посочи тој, е уште еден доказ дека тендерските шеми и фамилијарните фирми освен што се партиски и фамилијарно поврзани, водат директно и до кабинетот на премиерот Мицкоски.
Тој порача дека антикорупцискиот тим на СДСМ продолжува и дека работата не е завршена.
Компанијата „Пирамид билдинг солушнс“ на 14 јануари, истиот ден откако СДСМ ги објави првите наводи за нејзина поврзаност со ВМРО-ДПМНЕ, преку писмено соопштение до медиумите ги отфрли обвинувањата на опозициската партија, оценувајќи ги за селективно и тенденциозно прикажување податоци кои имаат за цел нарушување на угледот и репутацијата на фирмата.
Оттаму побараа јавно извинување во рок од 24 часа, а дека во спротивно, како што наведоа, ќе ги искористат сите правни механизми за заштита на своите права.
Според компанијата, договорите биле законски добиени и целосно реализирани, а оттаму доставија и табела според која, договори за јавни набавки добивале и за време на владеењето на СДСМ.
Од опозициската партијана барањето за извинување реагираа со порака до „Пирамид билдинг солушнс“ да се обрати до Јавното обвинителство и оттаму да бара извинување.
