Во поглед на репродуктивното здравје, оттаму посочуваат дека активното и пасивното пушење кај жените можат да доведат до нарушена овулација, намалена резерва на јајце-клетки, хормонски дисбаланс и зголемен ризик од неплодност, додека кај мажите можат да влијаат на намалување на бројот на сперматозоиди, намалена подвижност и нарушена морфологија на спермата, како и зголемено оштетување на ДНК на сперматозоидите
Изложеноста на никотин и тутунски токсини има докажано негативно влијание врз плодноста и кај жените и кај мажите – велат од Здружението на матични гинеколози, изразувајќи поддршка за предлог-законот за заштита од пушењето, со кој целосно се забранува употреба на цигари и никотински производи во затворени простории.

„Како здравствени работници кои секојдневно работат со жени во репродуктивен период, бремени жени, родилки и парови кои се соочуваат со проблеми со плодноста, сметаме дека ваквата законска регулатива е неопходна, оправдана и согласно со современите медицински докази. Здравјето на жените, мажите, децата и идните генерации мора да има апсолутен приоритет. Ги охрабруваме надлежните институции да го усвојат и доследно да го спроведуваат предлог-законот без исклучоци, а јавноста да ја препознае оваа мерка како инвестиција во здравјето, плодноста и иднината на нашето општество“,
велат од Здружението на матични гинеколози.
Во поглед на репродуктивното здравје, оттаму посочуваат дека активното и пасивното пушење кај жените можат да доведат до нарушена овулација, намалена резерва на јајце-клетки, хормонски дисбаланс и зголемен ризик од неплодност, додека кај мажите можат да влијаат на намалување на бројот на сперматозоиди, намалена подвижност и нарушена морфологија на спермата, како и зголемено оштетување на ДНК на сперматозоидите, што, како што се наведува, директно ја намалува можноста за зачнување и го зголемува ризикот од репродуктивни компликации.
Изложеноста на тутунски чад и никотин за време на бременоста, додаваат од Здружението, е поврзана со зголемен ризик од предвремено породување, ниска родилна тежина, интраутерина ретардација на растот и зголемен перинатален морбидитет и морталитет. Посочуваат дека никотинот и и другите штетни супстанции лесно ја преминуваат плацентата и директно негативно влијаат на развојот на плодот.
„Изложеноста на новороденчиња и мали деца на чад и аеросоли од никотински производи е поврзана со почеста појава на астма, респираторни инфекции, воспаленија на средното уво и зголемен ризик од синдром на ненадејна смрт кај доенчиња. Посебно загрижува фактот што одредени никотински производи, како електронските цигари и уредите за загревање тутун, често се претставуваат како побезбедна алтернатива. Современите научни истражувања укажуваат дека и овие производи ослободуваат никотин, ултрафини честички и хемиски соединенија со потенцијално штетно дејство врз респираторниот, кардиоваскуларниот и репродуктивниот систем, а нивната пасивна употреба во затворени простории претставува реален здравствен ризик“,
се додава во соопштението на Здружението на матични гинеколози.
