Повиците доаѓаат од двете страни на политичкиот спектар во САД, а демократите во Сенатот најавија дека немаат да гласаат за буџетот доколку со него се финансира Секретаријатот за внатрешна безбедност на САД, под чија надлежност се федералната служба за имиграција и граничната патрола чии агенти ги застрелаа и убија 37-годишниот Алекс Прети и Рене Гуд
Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, која доаѓа од редовите на демократите, во изјава за Си-ен-ен ја спореди федералната служба за имиграција со Штази – поранешната тајна полиција на тогашна Источна Германија
Поранешниот американски претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел Обама го осудија убиството на 37-годишниот медицински работник Алекс Прети, кој вчера беше застрелан од агенти на федералната имиграциска служба во Минеаполис.

Во изјавата тие велат дека станува збор за голема трагедија која истовремено треба да биде повик за будење на секој Американец, без оглед на партиско-политичката ориентација, бидејќи основните вредности на нацијата се доведени во прашање.
„Веќе со недели луѓето низ целата земја со право се огорчени од спектаклот на маскираните регрути на ИЦЕ (ICE) и други федерални агенти кои дејствуваат неказнето и се вклучуваат во тактики кои се чини дека се дизајнирани да ги заплашат, малтретираат, провоцираат и загрозат жителите на еден голем американски град“,
велат Барак и Мишел Обама во соопштението што го пренесува „Гардијан“.
Тие додаваат оти се чини дека администрацијата на Трамп посакува да ја ескалира ситуацијата со тоа што се обидела да ги оправда убиствата на Прети и Рене Гуд без никаква сериозна истрага.
„Ова мора да престане“,
порачуваат тие.
Еден ден по пукањето и убиството на 37-годишниот Прети, кое е втор ваков случај од почетокот на годината во Минеаполис, сè посилен е притисокот врз администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп целосно да се истражи случајот.
Повици за истрага денеска пристигнаа од двете најголеми партии од политичкиот спектар во САД откако анализите на достапните видеа од настанот покажуваат дека федералните агенти му го одзеле пиштолот на Прети, за кој тој имал дозвола да го носи, односно дека тој не го држел в рака пред смртно да го застрелаат.
Американскиот сенатор од редовите на републиканците Бил Касиди изјави дека кредибилитетот на Службата за имиграција и царина (ICE) и Секретаријатот за внатрешна безбедност (DHS) е доведен во прашање.
„Мора да има целосна заедничка федерална и државна истрага. На американскиот народ можеме да му веруваме со вистината“,
напиша Касиди во објава на социјалната платформа Икс.
The events in Minneapolis are incredibly disturbing. The credibility of ICE and DHS are at stake. There must be a full joint federal and state investigation. We can trust the American people with the truth.
— U.S. Senator Bill Cassidy, M.D. (@SenBillCassidy) January 25, 2026
Членката на Претставничкиот дом на САД, Александрија Окасио-Кортез, и лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, двајцата од Њујорк, исто така упатија повици до федералните имиграциски власти да ја напуштат сојузната држава Минесота. Тие ги повикаа демократите во Сенатот да гласаат против финансирањето на Секретаријатот за внатрешна безбедност на САД, под чија надлежност е федералната служба за имиграција и граничната патрола, за време на преговорите за буџетот во наредните денови.
„Имаме одговорност да ги заштитиме Американците од тиранија“,
напиша Окасио-Кортез на Икс.
We have a responsibility to protect Americans from tyranny.
— Alexandria Ocasio-Cortez (@AOC) January 24, 2026
DHS just shot a man in broad daylight two weeks after they shot a mother in the face without consequence.
They need our votes to continue. We cannot give it to them. Every Senator should vote NO. https://t.co/fYB7nfncOI
Денеска сенатори Ејми Клобучар од Минесота и Адам Шиф од Калифорнија, двајцата демократи, рекоа дека ќе гласаат против претстојното финансирање на Секретаријатот за внатрешна безбедност.
„Кога убиваат двајца избирачи во мојата држава, земаат двегодишни деца од рацете на нивната мајка и земаат постар човек од Хмонг од неговата куќа и го ставаат таму во долна облека, а потоа сфаќаат дека го имаат погрешниот човек… не, не гласам за ова финансирање“,
изјави Клобучар во емисија на Ен-би-си алудирајќи на инцидентите поврзани со федералните агенти за имиграција кои привлекоа големо медиумско внимание.
Доколку не се постигне компромис за буџетот, тоа ќе значи нова блокада за федералната влада и администрацијата на крајот на јануари.
Гувернерката на Њу Џерси, Мики Шерил, која доаѓа од редовите на демократите, во изјава за Си-ен-ен ја спореди федералната служба за имиграција со Штази – поранешната тајна полиција на тогашна Источна Германија.
„Ова оди многу подалеку од тоа. Станува збор за тајна полиција од типот на Штази, која носи маски, која е неидентификувана, неодговорна, која е раководена од администрацијата на Трамп, која очигледно лаже за тоа што се случува, бидејќи американскиот народ може да го види видеото“,
изјави гувернерката.

Во меѓувреме, родителите на Прети, Мајкл и Сузан, повикаа да се каже вистината за нивниот син.
„Скршени сме од болка, но и многу лути. Одвратните лаги што ги кажува администрацијата за нашиот син се одвратни и за секаква осуда“,
изјавија тие.
Изјавата на семејството дојде откако секретарката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем, излезе со тврдења дека Прети го држел пиштолот в рака и мавтал со него пред агентите да пукаат во него во самоодбрана. Ниту еден од достапните видеодокази не покажува дека Прети го држи пиштолот и мавта со него.
