Убиството на мажот, идентификуван како Алекс Прети, предизвика дополнителни тензии меѓу локалните власти и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) ги обвини градоначалникот на Минеаполис и гувернерот на сојузната држава Минесота дека поттикнуваат бунт
Засега никој од администрацијата на Трамп не дал јасен одговор дали 37-годишникот го извлекол пиштолот што го имал кај себе или се обидел да го извлече
Мажот од Минесота, кој беше застрелан и убиен од федерални агенти во Минеаполис е идентификуван како Алекс Прети, 37 -годишен медицински работник кој работел на оддел за интензивна нега, објавија светските медиумите.
Неговото убиство предизвика дополнителен бран протести и тензии во Минеаполис, бидејќи станува збор за втор смртононосен случај во овој град во кој се инволвирани агенти на американската имиграциска служба Ај-си-и (ICE). Пред нешто повеќе од две недели во Минеаполис беше застрелана и убиена Рене Никол Гуд, мајка на три деца од страна на агент на оваа федерална служба формирана од администрацијата на претседателот на САД Доналд Трамп за неговата кампања против илегалните имигранти.

Британски „Гардијан“, повикувајќи се профилот на Прети на Линкдин (LinkedIn) објави дека тој струдирал за медицински техничар на Универзитетот во Минесота, каде од 2012 година бил и помлад научник.
„Тој сакаше да им помага на луѓето, се грижеше за своите пацинети. Едноставно сум запрепастен“,
изјавил за британскиот весник Димитри Дрекоња, професор под медицина на Универзитетот во Минесота, кој работел со Прети во болницата.
Таткото на Алекс, Мајкл Прети во изјава за Асошиејтед прес, исто така, го опишал својот син како човек кој се грижел за луѓето и кој бил длабоко вознемирен од случувањата во Минеаполис поврзани со дејстувањето на федералната имиграциска служба.
„Тој сметаше дека протестирањето е начин да ја изрази таа неговата грижа за другите“,
рекол таткото.
Убиството на Прети предизвика дополнителни тензии меѓу локалните власти и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) ги обвини градоначалникот на Минеаполиси и гувернерот на сојузната држава Минесота дека поттикнуваат бунт.
„Градоначалникот и гувернерот поттикнуваат бунт со нивната помпезна, опасна и арогантна реторика…Дозволете им на нашите патриоти да си ја работата својата работа“,
напиша Трамп.
Претходно гувернерот на Минесота, Тим Волц на платформата Икс соопшти дека разговарал со Белата куќа, по, како што го нарече, новото ужасно пукање од страна на федерални службеници. На прес-конфренецијата што ја одржа подоцна тој рече дека истрагата за случајот треба да ја водат надлежните во сојузната држава, а не федерални агенти.
Во меѓувреме, се појавија и сведоштва на очевидци, како и снимки кои го отворија прашањето дали Прети воопшто го извлекол пиштолот што го носел и се обидел да пука, како што претходно објави Секретаријатот за внатрешна безбедност на САД.
„Шест агенти го соборија на земја, па немаше шанси да посегне по пиштолот, ако го имал. Но, знаете, овде е студено. Сите се наоблечени, па не знаете што можат да имаат кај себе. Знаете што велам? Но, тажно да се види како убиваат човек на среде улица. Не знам дали имал пиштол или не, но ова е премногу тажно. Истрелаа осум куршуми во човекот што лежеше на подот, осум куршуми“,
рекол сведок.

Секретарката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем на прес-конференција избегнала да даде конкретен одговор на ова прашање, како што тоа го направија и други федерални функционери претходно.
Инаку, шефот на полицијата на Минеаполис, Браја О’Хара претходно соопшти дека Прети имал дозвола за носење оружје. Засега никој од администрацијата на Трамп, не дал јасен одговор дали 37-годишиникот го извлекол пиштолот или се обидел да го извлече.
Од секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем на прес-конфренцијата новинарите побарале да даде коментар на извештаите дека Прети бил разоружан од страна на федералните агенти пред да биде застрелан, но таа го игнорирала прашањето, пренесе „Гардијан“.
По пукањето и убиството на 37-годишниот жител на Минеаполис, неколку стотини демонстранти се собраа на местото на настанот протестирајќи против федералните агенти, кои употребија солзавец и димни бомби за да ја растераат толпата.
