Тој во објава на социјалната платформа Икс најави можност за нови разговори кои потенцијално би се одржале веќе следната недела
Заврши втората рунда од трилатералните разговори меѓу украинската, руската и американската делегација што се одржаа во Абу Даби, а кои се насочени на изнаоѓање решение за ставање крај на војната во Украина, јавуваат светските агенции.

Како и вчера, и денес многу малку детали се откриваат за текот на разговорите, како и за тоа дали има некаков напредок и приближување на ставовите на вклучените страни.
Британскиот национален радиодифузер Би-би-си објави дека е постигнат одреден напредок, но оти клучното прашање за територијата на истокот на Украина останува нерешено.
По завршувањето на состанокот се огласи украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој изјави дека дискусијата била обемна, истовремено оценувајќи ги трилатералните разговори како конструктивни.
„Централниот фокус на разговорите беше на можните услови за завршување на војната. Американската страна го покрена прашањето за утврдување на условите за завршување на војната, како и безбедносните услови потребни за да се постигне тоа. Како резултат на состаноците одржани во последните денови, сите страни се согласија да известуваат во своите главни градови за секој аспект од преговорите и да ги координираат понатамошните чекори на своите лидери. Воените претставници утврдија список на прашања за потенцијален следен состанок. Доколку постои подготвеност за движење напред, Украина е подготвена“,
напиша Зеленски на социјалната платформа Икс.
Новиот круг разговори, како што вели тој во објавата, потенцијално би се одржале веќе следната недела.
Тој им се заблагодари на сите што помагаат, меѓу кои и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за нивното посредништво и подготвеноста да бидат домаќини и на наредните состаноци.
„Украина работи за мир и безбедност. Благодарност до сите што помагаат“,
вели украинскиот претседател.
Our delegation delivered a report; the meetings in the UAE have concluded. And this was the first format of this kind in quite some time: two days of trilateral meetings. A lot was discussed, and it is important that the conversations were constructive.
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) January 24, 2026
The negotiations also…
Според портпаролот на владата на ОАЕ, разговорите се фокусирале на „преостанатите елементи“ од мировната рамка предложена од САД, која беше изготвена од Вашингтон и Москва, а потоа дополнително изменета од САД и од европските сојузници на Украина.
Портпаролот рече дека разговорите вклучувале „директно ангажирање“ на претставници од двете земји и се одржале во „конструктивна и позитивна атмосфера“.
Формулацијата, според светските медиуми, би можела да сугерира дека руските и украинските претставници биле во иста просторија и разговарале директно, а не со посредништво на претставниците на САД. Сепак, изјавата на портпаролот на владата на ОАЕ експлицитно не го потврдува ова.
Во врска со разговорите денеска се огласи и руското Министерство за надворешни работи, но и оттаму не соопштија повеќе детали. Според изјавата на Министерството, Москва останува отворена за продолжување на дијалогот, објави руската државна новинска агенција РИА.
Додека американскиот мировен претставник Стив Виткоф имаше оптимистички тон на Светскиот економски форум во Давос, велејќи дека останува само една точка на сопнување, руските претставници звучеа поскептичн во однос на разговорите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред вчерашните разговори изјави дека Русија не се откажува од барањето Украина да го предаде целиот источен дел од Донбас – индустриското срце на Украина, што ги опфаќа регионите Донецк и Луганск.
Барањето на Путин Украина да ги предаде 20-те проценти од Донецк што сè уште ги контролира се покажа како голема пречка за каков било понатамошен договор.
Зеленски одбива да ја предаде земјата што Русија не успеа да ја освои во четири години болно и исцрпувачко војување.
Анкетите спроведени меѓу Украинците покажуваат многу мала склоност кон територијални отстапки.
Иако Русија тврди дека сака дипломатско решение, таа ќе продолжи да работи на постигнување на своите цели преку воени средства сè додека се чини оти е недостижно решение преку преговори.
Секретарот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, вчеравечер кажа дека параметрите за завршување на војната и понатамошната логика на преговарачкиот процес биле дискутирани на првиот ден од разговорите.
