Уставниот суд во оваа фаза од постапката изразил сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна

Уставниот суд на првата седница за годинава одржана аана 21 јануари, одлучил да поведе постапка за член 218 од Законот за извршување.
Во првиот став од оспорениот член се вели дека врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.
Во вториот став се појаснува дека за тоа кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.
Член 218
(1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.
(2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.
Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна.
„Имено, Судот смета дека со ова законско решение аконодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување на предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се предметите и правата кои се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Судот се сомнева дека со вака уредената норма, правосилните пресуди, извршните решенија кои ги имаат граѓаните, правните субјекти, во својство на доверители во постапките се само деклараторни, бидејќи во пракса не може да се извршат предмети или права, особено што не е јасно за какви предмети и права станува збор“,
соопштија од Уставен.
