Подносителите на кандидатски листи за предвремените парламентарни избори за пратеници утре во Државната изборна комисија ќе потпишаат Кодекс за фер и демократски избори.
„Потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори е обврска која произлегува од член 8-в од Изборниот законик. По потпишувањето, ДИК ќе изврши ждрепка за определување на билбордите за политичко рекламирање“,
најавија од ДИК.
Парламентарните избори требаше да се одржат на 12 април, но поради пандемијата со коронавирусот беа одложени. По низата преговори и несогласувања меѓу политичките лидери, пред два дена тие усеаја да постигнат консензус за избори на 15 јули.
Откако падна договор, претседателот Стево Пендаровски прогласи нова вонредна состојба од осум дена, а Владата донесе Уредба со законска со сила со која се овозможи денот на гласање да биде среда – 15 јули, а претходните два дена 13 и 14 јули, да гласаат заразените со ковид-19, лицата во самоизолација, како и болните и изнемоштените. Исто така, се пролонгираше времето за гласање на изборниот ден, па наместо 12 ќе се гласа 14 часа. Капмањата, пак, ќе започне на 24 јуни.
