Тој рече дека неговите критичари можат да дојдат во партиските тела и таму да ги кажат своите забелешки, но, како што повтори, нивните забелешки се всушност прашањата што ВМРО-ДПМНЕ секојдневно му ги поставува на СДСМ
Прашан за барањето на Деспотовски за извинување од раководството на СДСМ бидејќи го нарече „квислинг“, Филипче рече дека нема да има извинувања на, како што кажа, соработници на ненародна власт
Претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, денеска изјави дека воопшто нема намера да се повлече од лидерската позиција во партијата, а оние членови што го бараат тоа и го критикуваат ги нарече колаборационисти на ВМРО-ДПМНЕ кои се „или уценети или купени“.

Филипче ова го кажа одговарајќи на новинарски прашања на денешната негова прес-конференција, во врска со обвинувањата кои дојдоа од поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, и ексдиректорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, кои во два одделни настапи рекоа дека за слабите изборни резултати и лошите политики е виновно раководството на партијата.
Според Филипче, ако се погледнат нивните ставови, ќе се види дека тоа се всушност пораките на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„И поради тоа, во позадина на сето тоа, вистинските членови и искрени поддржувачи реагираат многу лошо на тие критики затоа што не се издржани и не се реални и затоа што станува збор за луѓе коишто се или уценети или се купени, и тоа е суштината. Треба да знаете дека во овој момент додека трае и сè повеќе ќе се засилува оваа опозициска борба за доброто на државата, за да не бидеме во изолација, во каква што нè ставаат ВМРО и ЗНАМ, тогаш тие што одработуваат за нив не се ништо друго туку колаборационисти за нивни лични интереси, а никако за интересот на државата, бидејќи она за што ние се бориме не е да ја вратиме власта во рацете на СДСМ, туку во рацете на граѓаните“,
рече Филипче.
Говорејќи во таа насока, тој рече дека додека СДСМ со актуелното раководство се обидува да ги разобличи оваа влада и нејзините вистински намери, некои од членовите на партијата застануваат во нејзина одбрана.
„Зошто не ја критикуваат оваа влада или мислат дека е добра“,
рече тој.
Филипче рече дека неговите критичари можат да дојдат во партиските тела и таму да ги кажат своите забелешки, но, како што повтори, нивните забелешки се всушност прашањата што ВМРО-ДПМНЕ секојдневно му ги поставува на СДСМ.
„Зошто не сме го поддржале ‘Безбеден град’, зошто не сме биле на лидерската средба. Тоа се прашања на ВМРО-ДПМНЕ, така што не поминуваат такви работи, тоа се поединци и на нашите членови и симпатизери тоа им е јасно“,
рече Филипче.
Нема извинување за соработници на ненародна власт
Прашан за барањето на Деспотовски за извинување од раководството на СДСМ бидејќи го нарече „квислинг“, Филипче рече дека нема да има извинувања на, како што кажа, соработници на ненародна власт.
Кажа дека пратеничката група на СДСМ е синхронизирана, компактна и дека има многу чести средби и координации. На една од последните, како што додаде тој, со консензус била донесена одлука како пратеничката група ќе настапува во Собранието во наредниот период, меѓу другото и за проектот „Безбеден град“.
„Јас верувам во ова што го правам. Човек сум што работи прецизно и добро пресметав пред да се нафатам на ова. Сакам ова општество да заздрави, да биде исчистено од корупција, да се направат реформите и да влеземе во Европската Унија. Тоа е мојата стратешка цел“,
изјави Филипче.
Тој додаде дека опозициската борба ќе продолжи интензивно потенцирајќи дека земјата, според него, е економски пред бездна и дека актуелната влада ја води државата кон изолација.
Филипче истакна дека СДСМ останува целосно обединета партија, со синхронизирана и компактна пратеничка група, а дека процесот на внатрешна консолидација во општинските организации е во тек.
„Мојата работа се темели на чесни намери и верувам дека ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, можеме да ја водиме државата како вистинска европска демократија, без корупција“,
додаде тој.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче најави дека политичката партија ПОЕН на Рубин Земон ќе се приклучи кон СДСМ.
За „медиумскиот линч“ ќе биде известена и ЕУ
Инаку, на денешната прес-конференција лидерот на СДСМ презентираше дел од, како што беше наведено, илјада токсични и навредливи медиумски наслови, кои се производ на „медиумскиот октопод на ВМРО“.
Филипче посочи дека со вакви напади се директен обид за негов политички линч и со нив се соочува секојдневно како лично тој, така и СДСМ.
Говорејќи за ова, тој наведе неколку медиуми и новинари преку кои, според него, се спроведува овој „линч“, кој, како што кажа, бил најавен за 19 декември минатата година. Тогаш, како што кажа станало и јасно дека станува збор за смислено и координирано сценарио од ВМРО-ДПМНЕ.
„Дозволете да ја цитирам, најавата за мојот линч, повторно, уште на 19 декември минатата година – ‘Венко Филипче којшто треба да одговара за криминали од набавката на вакцини до клинички центри’. И ова е најава ако сакате така да ја наречам на една ваша колешка, претседателка на едно од таканаречените независни здруженија на новинари. Дали е сега појасно кога велиме дека е сценарио, смислено и координирано?“,
изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека од здруженијата на новинари очекува да застанат на страната на вистината и да реагираат на ваквите напади, во кои се споредува со убиец на деца.
Кажа дека до нив се поднесени осум претставки, но засега никој не реагира.
Според Филипче, целта на ваквата кампања на ВМРО-ДПМНЕ е дефокусирање од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
Тој најави дека СДСМ ќе се обрати до Европската Унија и до нејзините институции, како и до сите меѓународни организации за заштита на слободата на говор и слобода на медиумите.
„Ова нема да нè запре. Сега сме посилни, затоа што ова е јасен показател дека сме на вистинскиот пат, на патот на вистината и правдата. А правдата ќе победи“,
порача Филипче.
