Во оваа смисла била спомената и меѓународна промоција на проектот и вмрежување со европските градови, како чекор кон меѓународна афирмација на Скопје
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска во својот кабинет го примил на средба британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон и делегација од Обединетото Кралство. Им ги претставил програмата и плановите за развој на Скопје, кои, како што наведува Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук, се темелат на јасна визија, стратегија и одржливи политики, насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните.

На средбата станало збор и за натамошно продлабочување на соработката преку заедничка реализација на проекти, програми и активности од заемен интерес, со посебен акцент на образованието и културата, како и размена на позитивни искуства и практики во областа на локалниот економски развој и креативните индустрии.
„Беше отворено и прашањето за потенцијална соработка и поддршка во рамките на активностите поврзани со проектот ‘Европска престолнина на културата 2028’, вклучително и неговата меѓународна промоција и вмрежување со европските градови, како значаен чекор кон меѓународна афирмација на Скопје“,
информира Ѓорѓиевски на Фејсбук.
