Дополнително, додаде Минчев, законот предвидува воспоставување систем за следење и оценување на резултатите од работата на високите раководители

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска ја презентираше новата реформска рамка со која се става крај на неконтролираното именување и неограничените мандати во државните институции. Според него, станува збор за реформски закон со кој првпат се воспоставува единствена, јасна и мерит-базирана рамка за уредување на највисоките раководни функции во администрацијата.
Со новиот предлог-закон за високи раководители, управните одбори се сведуваат на три члена, а статусот в.д. директор станува исклучок строго временски и правно ограничен.
Посебен акцент во законот, како што посочи министерот, е ставен на реформата на управните одбори. Тој вели дека се воведуваат воедначени услови и јасни критериуми за избор и именување на членовите на управните одбори.
Според него, една од значајните новини е строгото ограничување на институтот „вршител на должност“.
Минчев вели дека мерит-принципот станува правило, а не исклучок – оној што раководи ќе мора да знае, да може и да одговара.
„Законското решение предвидува транспарентна постапка за именување на високо раководните функционери, но и јасно ги уредува мандатите и го ограничува изборот. Позицијата веќе не е титула, туку одговорност. Раководителите ќе имаат јасна обврска да испорачуваат резултати“,
потенцира Минчев.
Дополнително, додаде Минчев, законот предвидува воспоставување систем за следење и оценување на резултатите од работата на високите раководители.
„Позицијата повеќе не е титула, туку одговорност за резултати. Нема доживотни функции, нема недопирливи позиции. За првпат, работата на раководителите системски ќе се мери и ќе се врзува со учинок, а не со статус“,
кажа Минчев.
Предлог-законот е веќе поставен на ЕНЕР од 31 декември минатата година.
На денешната јавна дебата присуствуваа директори на институции и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, кој ја истакна важноста од јакнење на професионализмот, отчетноста и институционалната стабилност во јавната администрација.
