Надлежните предупредуваат на внимателно управување со возилата, особено низ усеците и клисурите, каде што е можна појава на поситни одрони. Дополнително се апелира до возачите задолжително да носат зимска опрема, да ја приспособат брзината кон условите на патот и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација

Патните правци низ државата се проодни, но сообраќајот се одвива во зимски услови по претежно влажни коловози. Поради интензивните снежни врнежи во западниот дел од земјата се воведени забрани за тешки товарни возила на неколку клучни планински превои, информираат од ЈП „Македонија пат“ и Министерството за транспорт.
Поради снежните врнежи, забраната за движење на камиони е активна на патните правци Плетвар и Стража, Пресека и кракот Маврово – Дебар, Струга – граничен премин „Ќафасан“, Демир Капија – Смоквица.
Екипите на ЈП „Македонија пат“ се на терен со целосна механизација и работна сила. Од Министерството за транспорт нагласуваат дека чистењето се одвива континуирано со цел да се обезбеди непречен и безбеден сообраќај во текот на целиот ден.
„Остануваме на терен со цел што понепречено и безбедно одвивање на сообраќајот“,
велат од Министерството.
Надлежните предупредуваат на внимателно управување со возилата, особено низ усеците и клисурите, каде е можна појава на поситни одрони. Дополнително се апелира до возачите задолжително да носат зимска опрема, да ја приспособат брзината кон условите на патот и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.
За сите подетални информации во реално време, граѓаните можат да се обратат на дежурниот телефон на ЈП „Македонија пат“: 02 25 61 502.
И од Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелираат до граѓаните да патуваат внимателно во текот на денешниот ден, ако тоа е неопходно, со доволно гориво во резервоарите и со соодветна зимска опрема за возилата на повисоките места и планинските превои бидејќи е можно да се формираат навеви од снег и патните правци во одреден временски период да бидат непроодни на повисоките делници.
Во случај на опасност или потреба од ЦУК, велат граѓаните да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици – 112.
Од ЦУК информираат дека поради мраз и снег на коловозите во Град Скопје, зимската служба е ангажирана со целосна механизација и континуирано врши чистење и посолување на сообраќајниците.
„Во општина Ѓорче Петров е забележан застој во сообраќајот поради тестирање на системот ’Безбеден град’, во општина Бутел, кај кружниот тек, е блокирана улица поради застаната цистерна, а автобускиот јавен превоз моментално не сообраќа до крајните автобуски линии“,
велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека во Битолскиот Регион се врши расчистување на приоритетните патни правци, по што ќе следува интервенција и на другите патишта.
Според информациите од ЦУК, сообраќајот на патниот правец Велес – Чашка се одвива отежнато, а и во Куманово дел од улиците се тешко проодни.
На граничниот премин „Табановце“, пак, од ЦУК велат дека има заглавени товарни возила поради нерасчистен пат.
Проблеми има и во Општина Желино, каде поради дефект, во текот на вчерашниот ден имало прекин во снабдувањето со електрична енергија.
Во Маврово и Ростуше снежната покривка изнесува десетина сантиметри, а воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Маврово – Дебар и Гостивар – Стража.
