Министерот за внатрешни работи ја информирал британската амбасадорка дека е формиран оперативен штаб за изборите, со кој раководи директорот на Бирото за јавна безбедност
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска преку апликацијата „Зум“ остварил работен состанок со британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј. Во фокусот на разговорите, како што соопштија од МВР, биле справувањето со пандемијата од ковид-19 и подготовката за парламентарните избори кои следат.
Во таа насока, Чулев ги потенцирал мерките и активностите што ги преземаат полициските службеници за спроведување на одлуките на Владата, но и за обезбедување здравствена сигурност на граѓаните.
Чулев и Галовеј се согласиле дека парламентарните избори што следат треба да бидат фер и демократски и во таа насока неопходно е институциите да ги преземат сите мерки, но и протоколот кој ќе биде изготвен од нивна страна да кореспондира со здравствената состојба во која се наоѓа државата, а истовремено и да гарантира заштита на здравјето на граѓаните.
Заеднички било заклучено, стои во соопштението, дека излезеноста на граѓаните на овие избори е важен фактор кој ќе ја гарантира нивната легитимност и легитимноста на владата што ќе се формира потоа.
Министерот Чулев информирал дека МВР ги презема сите неопходни активности со кои ќе се гарантира безбедноста на изборите, а во таа насока веќе е формиран оперативен штаб за нивно спроведување, со кој раководи директорот на Бирото за јавна безбедност.
Се разговарало и за прашањата поврзани со миграцијата, но и меѓусебната соработка што двете страни ја имаат во изминатиот период на повеќе полиња, а на чие надградување треба да се работи во периодот што следува.
