Со мерки, кои се потолерантни дури од оние во Шведска, властите во Србија молкум се обидуваат да креираат т.н. имунитет на стадо, смета српскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ. Таа проценка, иако таква стратегија не е официјализирана, тој ја темели на одлуките на Кризниот штаб да дозволи одржување спортски натпревари со присуство на публика, но и со заострување на критериумите за тестирање на коронавирус на трошок на државата, со кои фактички се исклучуваат асимптоматските случаи.

„Ако сте имале контакт со заразен, тогаш мора да ги исполните условите за тестирање, односно да имате температура преку 38,5 и да имате симптоми видливи на рендген. Тие услови не ги исполнуваат голем дел луѓето, па дури ниту заразени. Со самото тоа, се намалува бројот на тестирања, бидејќи тој што нема симптоми, а бил во контакт со заразено лице, ќе мора сам да си плати за тестот. Ако има помалку тестови, нормално е да има и помалку позитивни“,
вели српскиот епидемиолог.
Во однос на спортските натпревари и дозволата на нив да присуствуваат навивачи, Радовановиќ стравува дека допрва ќе се видат ефектите од таа одлука.

„Дури ниту во Шведска тоа не е дозволено. Ефектот ќе се види дури после изборите (ќе се одржат в недела 21.јуни н.з.) Не знам дали Кризниот штаб ќе ја менува стратегијата и повторно ќе има рестрикции. Сѐ зависи од тоа дали последната недела од јуни ќе се зголеми бројот на заболени. Или нема да се зголеми, се разбира ако не се прават тестирања“,
смета тој.
Сепак, олеснителна околност според него е летото, бидејќи при зголемени температури, луѓето потешко ќе се заразуваат, а клиничката слика на заболените веројатно ќе биде поблага.

„Изгледа дека идејата е есента да ја дочекам со поголем колективен имунитет, но не е убаво тоа да не им се каже на граѓаните. Етички и чесно е да се каже, па луѓето сами да решат како ќе се однесуваат. Ако живеат сами или со партнер и немате деца, може да си речат нема врска. Но, ако во едно домаќинство имате три генерации, тогаш сте одговорно и за таткото, мајката, свекорот или свекрвата. Затоа, граѓаните мора да бидат информирани дека заразата се шири и врз основа на тоа да донесат одлука. Таа одлука е нивна, но за да ја донесете, мора да располагате со точни информации“,
вели српскиот епидемиолог Зоран Радовановиќ во интервју за ТВ Нова.