Министерот Бектеши вели во носењето на одлуката ќе се почитува препораката на Комисијата за заразни болести
Министерството за економија испратило барање до Комисијата за заразни болести за угостителските објекти да можат да работат и по 22 часот, информираше на прес-конференција министерот Крешник Бектеши.
Тој вели овој предлог се очекува да биде разгледан на денешната седница на Комисијата за заразни болести, па да се најде на седница на Влада.
„Што се однесува до дополнителното барање за угостителските објекти да работат и по 22 часот, во текот на денешниот ден ќе заседава Комисијата за заразни болести. Ние како Министерство за економија преку министерот за здравство сме доставиле такво барање и ќе чекаме до новата седница на Владата да видиме кој е предлогот на Комисијата за заразни болести и секако навремено ќе ги информираме сите страни“,
рече Бектеши.
Бектеши рече дека побарале измени и во протоколот за работа, како на пример, да се дозволи на една маса да можат да седат повеќе лица кои не се од исто домаќинство. При носењето на измените, вели, ќе се почитува ставот на Комисијата за заразни болести.
„Комисијата би требало да заседава денеска и секако ќе ја разгледаме нивната препорака во Владата и ќе донесеме одлука. На крај ќе ја почитуваме одлуката и препораката на Комисијата за заразни болести“,
рече Бектеши.
Коментирајќи ги информациите за прекршоците од страна на угостителски објекти кои работат и по 22 часот, а не се ниту пријавени, Бектеши рече дека очекува со економските мерки за поддршка на стопанството и со засилени инспекции да се сопре сивата економија.
