Околу 1,7 милијарда луѓе во светот, или повеќе од 20 проценти од светската популација, имаат најмалку едно хронично заболување што може да го влоши текот на болеста доколку се заразат со ковид-19, покажува истражувањето објавено во медицинското списание „Лансет“.
За шест месеци од избувнувањето, во светот се регистрирани околу осум милиони позитивни случаи на ковид-19, а повеќе од 440 000 луѓе починале како последица на зараза со новиот вирус.
Меѓу оние со најголем ризик се пациенти кои веќе имаат здравствени проблеми, како што се дијабетес и срцеви и белодробни заболувања, пишува „Кориере дела Сера“ додавајќи дека една петтина од светската популација спаѓа во таа категорија.
Истражувањето објавено во реномираното списание за медицина „Лансет“ не опфаќа здрави постари лица, иако тие се сметаат за најзагрозен дел од популацијата поради возраста.
Соединетите Американски Држави се најтешко погодени од вирусот, со повеќе од 2,2 милиони заразени и повеќе од 119 000 смртни случаи, по што следува Бразил со повеќе од 928 000 позитивни случаи и околу 45 000 починати.