Државата разговара со инвеститори од Емиратите, велат од Владата откако Мохамед Алабар ја посети Македонија. Од „Илинденска“ 2, сепак, не кажаа дали премиерот и други владини функционери имале средби со бизнисменот од Обединетите Арапски Емирати кој го изгради „Белград на вода“. Алабар пред Нова година се прошета во Скопје и во Битола придружуван од советник на премиерот
Христијан Мицкоски предводеше владина делегација во Емиратите во април 2025 година. По посетата изјави дека се можни инвестиции во Охрид, Чебрен и Галиште, Попова Шапка, „лендмарк“ во Скопје во близина на касарната Илинден и други проекти
На 26 декември премиерот Христијан Мицкоски „лајкна“ видео на Инстаграм, за кое авторот, Мохамед Алабар, во описот напиша:
„Северна Македонија – земјата на Александар Велики. Нација со горда историја, обликувана од реки, планини и плодни долини. Дефинирана, пред сè, од топлината и гостопримството на нејзините луѓе“.

Мохамед Алабар е човекот во средината. Станува збор за милијардер од Обединетите Арапски Емирати. Во регионот познат како инвеститор во проектот „Белград на вода“. Десно од него на видеото е Сашо Марковски, советник на премиерот за надворешна политика.
Од видеото лесно може да се заклучи дека Алабар се шета по Широк Сокак во Битола.
Следуваат: фотографија од Охрид… фотографија од Матка… и фотографија од Старата скопска чаршија.

На 24 декември, пак, исто така на Инстаграм, видео со Алабар објави ресторанот „Салваторе“ од Скопје. Датумот на чинијата на која бизнисменот остава посвета е 23 декември.
Видеото на скопскиот ресторан завршува со пораката:
„Чест е да се угости еден од најголемите светски визионери, г. Мохамед Алабар, основач на ‘Емаар пропертис’ и ‘Игл хилс’“.
Сумирано, двете видеа покажуваат дека Мохамед Алабар бил, во најмала рака, во Скопје и Битола. Дека најверојатно бил во земјава повеќе од еден ден. Дека бил во придружба на владин советник и дека посетата не поминала незабележано и од премиерот.
Владата разговара со инвеститори
Затоа и првата адреса на која се обративме беше Владата. Прашањето број еден гласеше – дали Алабар имал средби или состаноци со владини претставници?

Не добивме одговор за секое прашање одделно. Ова е текстот од првиот параграф од владината служба за односни со јавноста, за кој само може да претпоставиме дека се однесува на нашето првото прашање.
„Во врска со Вашите прашања, Ве информираме дека како Влада сме целосно фокусирани на зголемување на инвестициите во сите области и водиме дијалози со инвеститори од сите држави, вклучително и со Обединетите Арапски Емирати“,
напишаа од Владата.
Кога ги поставивме прашањата до Владата, имавме предвид повеќе околности.

Во април 2025 година премиерот Христијан Мицкоски предводеше владина делегација во Обединетите Арапски Емирати.
По завршувањето на посетата, изјави дека има сериозен интерес за инвестиции од оваа земја од која, патем, потекнува Мохамед Алабар.
„Проектите за коишто разговараме се проекти на постоечки локации на постоечки локации изградени во Охрид, односно откуп од сопствениците, две нови локации, но поради ограничувањата на УНЕСКО тие не можат да ја видат својата полн капацитет, мора да внимаваме на тоа. Попова Шапка, ски-центарот. Локацијата кај касарната, за Лендмарк, за објект кој нема да биде само лендмарк за Скопје, за Македонија, туку би рекол регионот. Чебрен и Галиште, но и друг тип објекти како нови соларни и нови ветерни централи се проекти за кои веќе има фоллоу уп. Од нашата посета веќе институциите разменуваат податоци. Очекувам од овој инвестициски бран меѓу две и три милијарди евра за Македонија“,
изјави премиерот Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите’.
До каде се инвестициите од Емиратите
На почетокот на декември, пак, во посета на Емиратите беше министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Гостувајќи во „360 степени“ пред Нова година, го прашавме – зошто во периодот меѓу неговата и посетата на премиерот јавноста не слушна ништо ново за најавените инвестиции, вклучувајќи го и т.н. „лендмарк“ во Скопје. Муцунски одговори дека во моментов земјите разговараат за два документи.
„Првиот договор е за стратешко партнерство кое ќе ги олесни меѓусебните инвестиции. Тоа не би олеснило само инвестиции од таа држава кај нас, туку и наши потенцијални инвестиции таму. А, втор договор за којшто дискутираме, е договорот за слободна трговија. Тоа не се договори коишто се лесни да се усогласат, бараат време. И, клучен предуслов за реализација на тие инвестиции коишто ги најави и премерот, а за којшто би кажал дека има огромен интерес и не само за инвестиции во Скопје, туку и за други градови во државата, тука би се воздржал од дополнителен коментар.
изјави Тимчо Муцунски за „360 степени“ на 22 декември 2025 година.
Муцунски не влезе во подробни објаснувања за најавените проекти и на дополнителните прашања. Но, додаде:
„Прво, јас сум убеден дека со Обединетите Арапски Емирати ќе има конкретна соработка. Второ, тоа што би можел да ви го кажам е дека ваков тип не само на држави, туку корпорации од ваквите држави, не носат одлука денес, да инвестираат утре. Тоа е сложен процес на носење на конкретна одлука за инвестиции.“
Зошто е потребно прво да се потпише договор за стратешко партнерство со Обединетите Арапски Емирати, иако инвестициите потоа би дошле од приватни компании, е прашање кое подолго време го поставува дел од јавноста во соседна земја.
„Белград на вода“
Тоа, сепак, и не е најважното прашање во Србија. Таму, токму Мохамед Алабар, е човекот од Емиратите кој инвестираше во проектот „Белград на вода“, но не сам. Државата му го даде земјиштето без надоместок на 99 години во замена за 1/3 од сопственоста на фирмата која го гради станбено-деловниот комплекс. Бизнис-логиката е државата да добива една третина од профитот, ако го има.

Еден од најголемите принципиелни проблеми е што владата, која има обврска да избира изведувачи на јавни повици, е дел од компанија која не распишува тендери.
Инсајдер: Моето прашање е, ако нема јавен тендер, и кога ја прашуваме нашата влада како се избираат компании…
Мохамед Алабар: Кои компании?
Инсајдер: …кои го градат „Белград на вода“?
Мохамед Алабар: Јас управувам со сè. Кога јас управувам, имаме комисија. Владината комисија седи со нас, го подготвуваме тендерот, го праќаме на шест-седум фирми и луѓето што ме следат, кои се разбираат од градежништво, знаат дека кога работиш тендер мора да избереш квалитетни градежни фирми, што и не е баш лесно. Но, сите локални фирми поднесуваат понуди и за секоја зграда ја повторуваме постапката. Па потоа, овој изведувач, оној изведувач, сите работат. Едноставно е. И, ве молам, верувајте ми. Го правам ова во секоја земја.
Инсајдер: Нашата држава има удел во овој бизнис. Дадовме земјиште, нешто вложивме. Тоа мора да го препознаете. А, кога избирате компанија, кога ја прашуваме владата како се избираат компаниите кои градат, кажуваат прашувајте го инвеститорот. И, јас ве прашувам вас…
Мохамед Алабар: Прашајте, ве молам…
Инсајдер: …Бидејќи постои простор при изградбата некоја повластена компанија да ја добие работата.
Мохамед Алабар: Не кај мене.
Инсајдер: Не кај вас. Во ред, фала ви многу.
Мохамед Алабар: Никогаш.
Инсајдер: Во ред. Тоа ми е доволно.
Мохамед Алабар: Во Дубаи, во Египет, во Индија. И, распрашајте се за мене. Немојте да ме слушате мене, прашајте каде сум поминал. Проверете.
Инсајдер: Проверив.
Мохамед Алабар: Ве молам.
Инсајдер: Проверив.
Во сторијата на српската телевизија „Инсајдер“, која и го направи интервјуто со Мохамед Алабар, се вели дека стотина метри од границата на „Белград на вода“ тој планира уште една инвестиција. Владата на Србија, во мај 2024 година, потпишала договор со „Афинити глобал дивелопмент“, за ревитализација на воениот комплекс каде што се наоѓа и зградата на Генералштабот. Таа е делумно срушена во бомбардирањето на НАТО и до скоро беше споменик на културата.

Проектот требаше да биде заедничко вложување на Мохамед Алабар и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер. И во тој случај, објави „Инсајдер“, државата ја дала локацијата на закуп без надоместок. Инвеститорите требаше да градат станбено-деловен комплекс и уште една кула – хотел „Трамп“.

Инсајдер: Сè што знаеме за овој проект доаѓа од изјавите на политичарите во Србија. Не сме го виделе договорот, а договорот е потпишан. Може ли да ни кажете колку планирате да инвестирате и кои ќе бидат обврските на Србија?
Мохамед Алабар: Сè уште е рано за тоа.
Инсајдер: Но, договорот е веќе потпишан.
Мохамед Алабар: Всушност, мислам дека е потпишан со фондацијата на Кушнер. Се извинувам, не фондацијата туку…
Инсајдер: Знам. Афинити партнерс. Знам. Значи и во овој случај добивате земјиште на 99 години без надомест. Дали ќе влезевте во овој проект ако требаше да платите за тоа земјиште.
Мохамед Алабар: Немојте да велите без надомест.
Инсајдер: Туку? Како?
Мохамед Алабар: Компензација. Морам тоа да го објаснам на јавноста.
Инсајдер: Ве молам објаснете.
Мохамед Алабар: Во основниот и едноставен модел, кога имате земјиште, имате две можности. Или купувате земјиште, односно ви го плаќаат. Или, земате процент од профитот. Тоа се двата начини. Паметните луѓе, а така се прави често во Дубаи, земаат процент од профитот. Зошто? Затоа што вредноста на земјиштето денеска е можеби на одредено ниво, но кога ќе ја изградите зградата таа вредност расте. Затоа процент од профитот е секогаш подобро.
Едночасовната емисија „Инсајдер“ беше емитувана пред еден месец, но интервјуто со Мохамед Алабар е снимено во мај 2025 година.
Лендмарк, Чебрен, Попова Шапка…
Во периодот меѓу снимањето на интервјуто и емитувањето на емисијата српското обвинителство поведе истрага, а потоа и поднесе обвинение против тамошниот министер за култура Никола Селаковиќ, директорот на републичкиот завод за заштита на спомениците на културата и две други лица затоа што незаконски ја укинале заштитата над Генералштабот, без што на локацијата не можеше да се гради. Компанијата на Кушнер веќе се повлече, а од „Игл хилс“, пренесува „Инсајдер“, им одговориле дека во моментот нема да коментираат.
Имајќи го предвид начинот на водење бизнис во Србија на Алабар и неговата посета на земјава, „360 степени“ ја праша Владата и дали веќе е почната соработка со него? Потоа, дали се разговара за некој од проектите што ги спомена премиерот по посетата на Обединетите Арапски Емирати и ако има напредни разговори по кој модел ќе се работи?
Ова е, интергрално, целиот преостанат одговор од Владата.
Нашата цел како Влада е да ја позиционираме Македонија како стабилна држава со предвидлива економија и Влада која е партнер на бизнисот, сè со цел обезбедување подобар животен стандард за граѓаните.
Во овој момент не би изнесувале повеќе детали и информации, но за секој поединечен напредок во однос на нови можни инвестиции јавноста навремено ќе биде информирана.
ни одговорија од Владата на РСМ.
Локацијата на потенцијалниот т.н. „лендмарк“ во Скопје, близу касарната „Илинден“, е овој простор. Се наоѓа меѓу новата клучка кај локацијата Момин Поток и булеварот „Словенија“.

Општината Карпош има донесено детален урбанистички план за локацијата уште во април 2021 година. Таму требаше, но не се оствари, најавуваната инвестиција на актерот Џон Малкович. Луѓето околу него бараа, но не добија статус на стратешки инвеститор – што со себе носи многубројни поволности.
