Реакцијата е поради метежот што се создаде за информирање и подигнување на домашната платежна картичка
Македонската банкарска асоцијација (МБА) апелира корисниците на домашна платежна картичка да ги следат информациите што банките ги доставуваат до нив во врска со начинот и терминот на подигнување на картичката, откако пред банките почнаа да се создаваат големи метежи, при што не се почитуваат мерките за заштита од ковид-19.
„Во текот на изминатите денови пред некои од експозитурите и филијалите, според информациите од банките, за жал се создаваат поголеми метежи, односно редови за чекање, бидејќи дел од клиентите доаѓаат со цел да се информираат за проектот генерално, односно да добијат информација дали се меѓу граѓаните на коишто им следува домашна платежна картичка, без претходно да ја посетат веб-страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk. Некои од граѓаните и без претходно да добијат информација кога и каде да се обратат, ги посетувале банките за подигнување на картичката“,
велат од Асоцијацијата.
Од МБА потсетуваат дека за домашната платежна картичка, секоја од банките вклучени во проектот имаат воспоставено свој протокол за издавање на картичките – СМС-пораки со информации за филијалата или експозитурата и датумот и часот за подигнување на картичката за секој клиент одделно. Исто така, се применуваат и веб-решенија и контакт-центрите на банките, со што потребата од доаѓање во филијалите и експозитурите за информирање е сведена на минимум.
Според МБА, согласно вака поставениот план кој е системски определен според капацитетот и времето за опслужување, се намалува можноста за создавање метежи пред филијалите и експозитурите, а се зголемува ефикасноста во реализацијата на проектот.
За овој проект, информираат, филијалите и експозитурите работат со посебен режим и подолго работно време со цел брзо и безбедно издавање на големите количини платежни картички, додека бројот на вработени коишто активно работат во текот на една смена е во рамки на максимумот предвиден за просториите на банките, во согласност со соодветната уредба.
