Светската здравствена организација го оцени како „одлична вест“ резултатот од првото клиничко испитување што покажува дека евтиниот и широко распространет стероид дексаметазон може да помогне да се спасат тешко болните пациенти од коронавирусот.
„Ова е прва терапија за која се покажа дека ја намалува смртноста кај пациенти со ковид-19, кои се наоѓаат на кислород или вештачка вентилација, изјави доцна синоќа генералниот директор на СЗО“,
Тедрос Аданом Геберејсус.
„Ова е одлична вест и честитки до владата на Велика Британија, Универзитетот Оксфорд и многуте болници и пациенти во Велика Британија, кои придонесоа за научниот напредок што спасува животи“,
рече Тедрос.
СЗО најави дека ќе координира една мета-анализа која подразбира ажурирање на клиничките сознанија на Организацијата за да може да се утврди како и кога лекот треба да се користи за лекување на ковид-19.
Британските научници вчера објавија исклучително значајни сознанија за кортикостероидот дексаметазон во лекувањето на заболените со ковид. Нивните сознанија се темелат на истражување на тим научници од Оксфорд на околу 2 000 пациенти во болница на кои им бил даден лекот и нивните резултати биле споредени со околу 4 000 пациенти кои не го примале лекот.
Пациентите на респиратори имале намален ризик од смртност од 40 на 28 проценти, додека пациентите со кислород имаат намален ризик од смрт од 25 на 20 проценти.
Лекарите, исто така, ќе ја истакнуваат и неговата цена бидејќи третманот со овој лек за 10 дена чини околу пет фунти по пациент, или 35 за да се спаси живот, а притоа тој е достапен ширум светот.