Температурите наутро во повеќето делови се околу 20 степени под нулата

Студен бран го зафати регионот на Западен Балкан, а во Србија е прогласена вонредна состојба во 11 општини поради екстремно ниските температури и високите снежни наноси, пренесуваат локалните медиуми.
Во Србија вонредна состојба е воведена во општините Ваљево, Лозница, Осечина, Крупањ, Мали Зворник, Владимирци, Сјеница, Мајданпек, дел од Пријепоље, Лучани и Ивањица. Снегот го ограничи пристапот до 15 села, а железничкиот сообраќај на линиите до Лазаревац и од Младеновац кон Белград е во целосен прекин.
Околу 9 000 домаќинства во Србија се без електрична енергија.
Спасувачките екипи од вчера до денес интервенирале 98 пати на терен, евакуирајќи 37 лица. Од компанијата „Електродистрибуција Србија“ велат дека снабдувањето со струја постепено се нормализира, но сè уште се работи на дефектите кај неколку илјади корисници.
Температурите во Србија деновиве се спуштија до -17 Целзиусови степени. Портокалов аларм утрово е активиран за Белград, Бачка, Банат, Срем, како и за Западна и Југозападна Србија.
Слична е состојбата и во Босна и Херцеговина, каде што исто така е прогласен портокалов метеоаларм поради температури од -15 степени. Хидрометеоролошкиот институт предупреди дека студот е опасен за здравјето на постарите лица, децата и на хронично болните.
Хрватска, исто така, се соочува со обилни снежни врнежи во последните денови, а најниската температура од -19,6 степени е регистрирана денеска, објави хрватскиот портал „Индекс“. Температурата во главниот град Загреб утрово е -10 степени. Метеоролозите за денеска најавуваат постепено разведрување и нешто потопло време.
Во Црна Гора се очекува времето да се подобри денеска, но властите ги предупредуваат возачите да внимаваат на мраз и лизгање на земјиштето.
Во Словенија, температурите се исто така ниски, а најстудено денеска е во југозападна Словенија – каде што температурата рано утрово беше -21,1 степени, објави словенечкото издание „24 ур“. Во остатокот од земјата минималните температури се движат помеѓу -19 и -10 степени.
Ситуацијата во поголемиот дел од Албанија и Косово останува комплицирана поради обилните снежни врнежи и дожд што ги погодија двете земји во последните денови, објавија албанските и косовските медиуми.
Според информациите од Албанската национална агенција за цивилна заштита (AKMC), цитирани од ATA, најпогодените од лошото време во Албанија моментално се Скадар, Драч, Дибер, Берат, Фиер, Корча и Ѓирокастро.
Во окрузите на Скадар се известува дека реките Дрим, Кир и Буна значително се надојдени, а некои од нив се излеале и поплавиле патишта и обработливо земјиште.
Во околината на Дибер, голем дел од секундарните патишта се затворени поради обилните снежни врнежи. Во Корча и Ѓирокастро, има извештаи за лизгање на земјиштето и затворени патишта, како и за неколку семејства евакуирани поради поплави.
Според информациите од Косовската радиотелевизија, обилните снежни врнежи во текот на изминатите 24 часа предизвикале тешкотии во движењето по автопатот Приштина – Пеќ, особено во областа на меѓународниот аеродром „Адем Јашари“. Во меѓувреме, обилните врнежи од дожд затворија дел од автопатот што го поврзува главниот град Приштина со јужниот косовски град Феризај, а сообраќајот се пренасочува по алтернативни патишта.
Силен студен бран ја зафаќа и Грција, кој донесува нагло пониски температури, широко распространети снежни врнежи, мраз и силни северни ветрови, пишува „Катимерини“.
Снег се предвидува за планинските и полупланинските делови, но и во низинските области на Тракија, Серес и Халкидики, како и на неколку острови: Лемнос, Лезбос, Хиос и Споради.
Снег се очекува и во ниските области на Евија, во близина на Атина, особено во источните делови на островот.
