Навистина ми беше непријатно да слушам дека министерот Наќе Чулев и сите граѓани се виновни за корона-кризата, реплицираше Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во вечерашното гостување на Телма.
Манчевски претходно рече дека неодговорни граѓани, но и неказнувањето од страна на МВР и Наќе Чулев се виновни за ширењето на коронавирусот.
„Има еден термин кој се нарекува одговорност, а слушнав многу за гледиштата кон причините зошто ние се наоѓаме во оваа криза. Постојат институции на систем, постои претседател на Влада, постои министер за здравство, постои Комисија за заразни болести. Па, ако влеземе во министерството за внатрешни работи постои и директор на Бирото за јавна безбедност. И сите овие луѓе се од политичката партија СДСМ“,
рече Муцунски.
Тој додаде дека политиките во делот на здравството се креирале за да се дојде до брзи парламентарни избори.
„Тоа беше едно инсистирање на СДСМ. Ние во целокупниот процес на дијалог со сите политички субјекти во државата нагласувавме дека има одредени предуслови кои се потребни за да дојдеме до парламентарни избори. Факт е дека на државата и се потребни функционални институции, тоа не може никој да го спори. Но, за нас пресудувачки факт е, можеби, состојбата што се случи токму со корона-кризата, односно неспособноста и неподготвеноста на актуелната влада да се справи со оваа пандемија“,
рече Муцунски.
