Според него, САД и Венецуела добро соработуваат, а големите нафтени компании ќе вложат најмалку 100 милијарди долари
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека го откажал вториот бран напади врз Венецуела откако Каракас се согласил на соработка.

Според него, САД и Венецуела добро соработуваат, а големите нафтени компании ќе вложат најмалку 100 милијарди долари.
Ослободувањето голем број политички затвореници Трамп го оцени како знак на потрага за мир.
„Ова е многу важен и паметен гест. САД и Венецуела добро соработуваат, особено кога станува збор за обнова, во многу поголем, подобар и помодерен облик, на нивната нафтена и гасна инфраструктура. Поради оваа соработка, го откажав претходно очекуваниот втор бран напади, што изгледа нема да е потребен, но сите бродови ќе останат на место поради безбедност“,
објави Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.
Тој претходно во интервју за телевизијата Фокс њуз (Fox News) најави дека венецуелската опозиционерка Марија Корина Мачадо следната недела ќе го посети Вашингтон.
Трамп претходно ја отфрли идејата за соработка со Мачадо тврдејќи оти таа нема поддршка или почитување во земјата. Тој еден ден претходно наведе дека многу добро се согласува со владата на Венецуела, предводена од вршителката на должност привремената претседателка Делси Родригез.
Во меѓувреме американската морнарица денеска заплени танкер во Карипското Море во близина на Тринидад.
Тоа е петта американска акција во изминатите неколку недели.
Танкерот „Олина“ претходно исплови од Венецуела, а потоа се врати во регионот, каде што беше пресретнат од американската морнарица. Танкерот пловел под лажно знаме на Источен Тимор.
По соборувањето на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, САД не дозволуваат бродови и танкери против кои се воведени санкции да влезат или да ги напуштат територијалните води на јужноамериканските земји членки на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК).
