„Кога државните простори и ресурси се користат за ритуали само од една деноминација, пораката до другите е исклучувачка и опасна – јавните институции да се идентификуваат со една религија, потценувајќи ги и исклучувајќи ги другите. Ова не е невина симболика, ова е институционализација на религијата и директно кршење на Уставот“, се вели во реакцијата на опозициската партија за случајот
Демократската унија за интергација (ДУИ) бара итно расчистување на случајот со „осветувањето“ на дел од новите полициски возила во кругот на Министерството за внатрешни работи (МВР) и институционална одговорст за сите функционери кои го овозможиле верскиот ритуал во државната инститција и не спречиле тој да се случи.

Изразувајќи длабока загриженост за настанот, од ДУИ преку писмено соопштение велат оти во случајот не станува збор за традиција, туку за оичгледно кршење на принципот на секуларна држава.
„Обредот не е извршен во приватен простор или верски објект, туку во полицискиот двор, на службени државни возила, во рамките на институција задолжена за јавната безбедност. Таквиот чин е целосно неприфатлив во држава која, според Уставот, е секуларна и со мултиетничка и мултиконфесионална реалност“,
се вели во реакцијата.
Дополнително аргументирајќи ги ваквикте наводи, оттаму додваат дека полицијата како државна институција треба да им служи на сите граѓани поеднакво, без оглед на етничката и верската припадност. Во тој контекст, интегративците наведуваат дека не се смее да се создава перцепција дека во државата постои доминантна или „официјална религија“ во рамките на нејзините институции.
„Кога државните простори и ресурси се користат за ритуали само од една деноминација, пораката до другите е исклучувачка и опасна – јавните институции да се идентификуваат со една религија, потценувајќи ги и исклучувајќи ги другите. Ова не е невина симболика, ова е институционализација на религијата и директно кршење на Уставот“,
велат од ДУИ, додавајќи дека овие возила се купени со пари на сите даночни обврзници и нив ќе ги користат припадници на полицијата од различни вери.
Во таа насока, интегративците порачуваат дека никој нема право да ги „обележува“ јавните институции со симболиката на една вера, како и дека држвата се штити со закон и со Устав, а не со осветена вода на свештеник.
Од опозициската партија упатуваат и критики до коалицијата ВЛЕН, која е дел од власта и од чии редови е заменик-министерот за внатрешни работи, кој завчера преку објава на Фејсбук реагираше за случајот и најави институционална одговорност за сите инволвирани во него.
Сепак, од ДУИ велат дека наместо бучава со статуси на социјалните мрежи и изјави за медиумите, ВЛЕН својот капацитет треба да го покаже во институциите, со конкретни акции и спречување на дискриминаторските практики.
„Кога етничката и верската еднаквост се нарушени во државните институции, а реакцијата останува само виртуелна, тоа е доказ за реална неспособност и тивко прифаќање на оваа ситуација“,
велат од ДУИ.
Оттаму порачуваат дека како партија ќе го следат овој случај докрај и ќе бараат целосна транспарентност и конкретни мерки за да не се повторат слични ситуации.

По фотографиите што се појавија на социјалните мрежи на кои се гледа како свештено лице „осветува“ дел од новите полициски возила што беа промовирани на крајот на минатата година, Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека се води истрага што треба да утврди кој го викнал свештеникот во кругот на Министерството за да го изврши чинот.
За случајот преку објава на Фејсбук реагираше и заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, кој напиша дека „прскањето со света вода од страна на верско лице врз службените полициски возила и врз службените објекти, во рамки на паркингот на МВР, не претставува приватен верски чин, туку директно кршење на принципот на секуларна држава и на законот“.
Според него, чинот бил извршен од неколку припадници на една сообраќајна полициска единица, а во соработка со свештеното лице, и во никој случај не го претставува институционалниот став или дејствувањето на МВР.
Исени, во тој контекст, додаде дека овој случај укажува на ниско ниво на професионална свест кај дел од полициските службеници.
Наведувајќи дека МВР има јасни внатрешни правилници, Исени најави дека, согласно нив, на одговорност ќе бидат повикани сите што го организирале или го дозволиле овој чин, не го спречиле неговото извршување и овозможиле влез на свештено лице во објектите на МВР за вршење верски активности.
Новите 120 возила од марката „пежо 408“, наменети за полициските службеници, беа промовирани на 26 декември минатата година во кругот на МВР, а на свеченоста покрај министерот за внатрешни работи Панче Тошковски присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.
