Во Кичево веќе е извршена евакуација на населението, додека реки се излеваат во Гостиварскиот и во Охридскиот Регион, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК)

Обилните врнежи од дожд во текот на изминатите 24 часа предизвикаа поплави во повеќе региони низ земјава. Во Кичево веќе е извршена евакуација на населението, додека реки се излеваат во Гостиварскиот и во Охридскиот Регион, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во Општина Кичево, поплавите на улицата „Прилепска“ принудија евакуација на околу 100 лица. Граѓаните се привремено сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде што екипи на Црвениот крст и на Дирекцијата за заштита и спасување веќе обезбедија храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.
Во Кичево е излеана Зајашка Река кај стадионот „Влазрими“, додека реката Треска поплави земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци и Вранешти.
Во Општина Охрид, реката Далјан е излеана од своето корито на повеќе места. Поплавени се голем број куќи, подруми и дворови низ градот. Од ЦУК велат дека кризниот штаб е на терен и ги координира спасувачките активности.
Патот меѓу селата Форино и Тумчевиште во Општина Гостивар е речиси непрооден. Лакавичка Река се излеа кај селото Мало Турчане, а Сушечка Река во Горна Бањица.
Синоќа од ЦУК информираа дека поради обилните врнежи од дожд повторно дошло до свлечиште на патот кон тетовското село Бањиче, поради што се апелира до граѓаните да не патуваат преку оваа делница.
Поради енормното зголемување на водостојот на реките и поплавените домови во Битолскиот и Преспанскиот Регион, во 9 часот е свикан итен состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, на кој се утврдуваат приоритетите и координацијата на активностите на терен.
