Ова се први случаи на заразени по 24 дена
Нов Зеланд пријави први нови случаи на коронавирус по 24 дена. Се работи за две жени кои пристигнале од Велика Британија за да посетат родител.
Тие пристигнале во Нов Зеланд на 7 јуни преку Доха и Бризбејн и биле изолирани во Окланд, каде што пред да бидат тестирани, добиле специјална дозвола да го посетат родителот.
Тие патувале со автомобил од Окланд до Велингтон, а сега двете се во самоизолација.
Поради новите случаи во Нов Зеланд, започнаа тестирања на сите кои можеби имале контакт со двете жени, вклучувајќи ги патниците и екипажот на летот, во карантинот во Окланд, како и членовите на нивното семејство со кои биле во Велингтон.
Во Нов Зеланд се пријавени вкупно 1 506 случаи на коронавирус, а починале 22 лица.
Минатата недела во земјата се укинати сите социјални и економски ограничувања, откако беше објавено дека нема нови случаи, но границите останаа затворени, освен за државјаните.
Сепак, премиерката Џасинда Ардерн предупреди дека во иднина може да се појават нови случаи на коронавирусот, кога граѓаните, како и странците со посебни дозволи, ќе се вратат во земјата.