Информациите што ги пренесува Би-би-си се дека досега се идентификувани две девојки од 16 и 21 година и две момчиња од 16 и 18 години и за сите се вели дека биле државјани на Швајцарија. На фејсбук-профилот на Ивановски е наведена Швајцарија како негово место на живеење

Младиот Стивен Ивановски, по кој се трагаше по пожарот во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, е идентификуван како загинат, пренесе телевизија Сител повикувајќи се на информации од блиски во семејството на Ивановски.
Според известувањето на телевизијата, неговото тело било едно од само четирите идентификувани досега од загинатите најмалку 40 лица.
Информациите што ги пренесува Би-би-си се дека досега се идентификувани две девојки од 16 и 21 година и две момчиња од 16 и 18 години и за сите се вели дека биле државјани на Швајцарија. На фејсбук-профилот на Ивановски е наведена Швајцарија како негово место на живеење.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за „360 степени“ велат дека сè уште немаат официјални информации од швајцарските власти за состојбата со Ивановски.
Денеска премиерот Христијан Мицкоски изрази сочувство до семејствата на сите загинати и рече дека како Влада остануваат на линија со државни претставници од Швајцарија и со амбасадорот во земјава.
„Тоа што можев да им го пренесам од нашето искуство е дека е многу значајна брзата реакција и одредувањето приоритети кај повредените и нивна дисперзија“,
рече Мицкоски.
Вчера од министерството информираа дека министерот остварил телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер, и му порачал дека државата ѝ стои на располагање на Швајцарија во справувањето со оваа трагедија.
Од Министерството за здравство соопштија дека се разгледуваат можностите и расположливите капацитети за да ѝ се обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од пожарот во Кран-Монтана.
Оттаму соопштија и дека веќе е воспоставен канал за комуникација со здравствените власти во Швајцарија.
По пожарот во ски-центарот во Швајцарија на социјалните мрежи беше упатен апел за помош по исчезнувањето на Македонецот Стивен Ивановски. Тој бил последен пат виден за време на пожарот што избувна на 31 декември во барот „Ле Констеласион“ во познатиот зимски центар Кран-Монтана.
Во трагедијата се повредени 119 лица, а 50-ина од нив се префрлени или наскоро ќе бидат префрлени во земјите од Европската Унија кои имаат специјализирани центри за изгореници. Дел од пациентите се префрлаат во болниците во Франција, а дел ќе бидат трансферирани во специјализираните центри во Италија.
Командантот на полицијата Фредерик Гислер објави дека 113 од 119 повредени лица се идентификувани, а процесот на идентификација на другите шестмина е сè уште е во тек. Помеѓу идентификуваните повредени лица има 71 швајцарски државјани, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица Срби, еден државјанин на Босна и Херцеговина, и по еден белгиски, полски, португалски и еден државјанин на Луксембург.
Шефот на полицијата додаде дека апсолутен приоритет е и идентификација на жртвите.
Поврзани вести:
- Македонската амбасада во Швајцарија отвори телефонска линија за трагичната несреќа во Кран-Монтана
- Македонец исчезнат по пожарот во Швајцарија, семејството апелира за помош
- Во пожарот во Швајцарија загинаа околу 40 лица, можна причина за пожарот се свеќи поставени блиску до дрвен плафон
- (ВИДЕО) Најмалку 10 мртви, многу повредени во експлозија во познат швајцарски скијачки центар
- Швајцарија прогласи петдневна жалост за жртвите во пожарот во Кран-Монтана
- Муцунски ѝ понуди помош на Швајцарија – македонски лекари можат да помогнат во лекувањето на повредените во пожарот
- Идентификувани 113 од 119 повредени во пожарот во Швајцарија – меѓу нив има четири српски и еден државјанин на БиХ
