Граѓаните се собираат во Кран-Монтана и им оддаваат почит на жртвите со положување цвеќе и свеќи
Швајцарија прогласи петдневна жалост за жртвите во пожарот што избувна во бар во скијачкиот центар Кран-Монтана за време на новогодишната ноќ, во кој загинаа околу 40 лица, а повеќе од 115 се повредени.

За време на деновите на жалост, знамињата на институциите во земјата ќе бидат спуштени на половина копје.
Граѓаните се собираат во Кран-Монтана и им оддаваат почит на жртвите со положување цвеќе и свеќи.
Швајцарскиот претседател Гај Пармелин, најавувајќи дека ќе биде прогласена петдневна жалост, ја опиша оваа трагична несреќа како „драма од непознати размери“.
Тамошната полиција наведе дека во пожарот загинале околу 40 лица. Медиумите, пак, објавија дека повеќето од гостите биле на возраст од 15 до 20 години. Меѓу загинатите има луѓе од различни националности, кои, како што наведуваат официјалните лица, ќе бидат потребни недели за да се идентификуваат.
Според италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, бројот на жртви се проценува на 47.
Повредените се хоспитализирани во болници во Швајцарија, а некои се префрлени во здравствени установи во Милано, Париз, Лион и Штутгарт.
Инаку, според швајцарските медиуми, пожарот избувнал за време на новогодишната ноќ, односно во 1:30 часот по полноќ, кога шишиња со шампањ биле фрлени кон барот со распрскувачи и други пиротехнички средства, предизвикувајќи експлозија што резултирала со пожар, кој брзо се проширил и зафатил подрумска просторија, каде што биле собрани многу млади посетители.
Пожарот предизвикал паника меѓу присутните.
Службите за итни случаи и пожарникарите пристигнале на местото на несреќата за многу кусо време.
Во тек е истрага за утврдување на причината за пожарот во Кран-Монтана.
Поврзани вести:
- Македонската амбасада во Швајцарија отвори телефонска линија за трагичната несреќа во Кран-Монтана
- Македонец исчезнат по пожарот во Швајцарија, семејството апелира за помош
- Во пожарот во Швајцарија загинаа околу 40 лица, можна причина за пожарот се свеќи поставени блиску до дрвен плафон
- (ВИДЕО) Најмалку 10 мртви, многу повредени во експлозија во познат швајцарски скијачки центар
