Следното рочиште е закажано за 14 јануари, кога искази треба да дадат петмина сведоци на Обвинителството
Второто дете што ми го подадоа од влезот на „Пулс“ беше ќерка ми Надица. Очињата ѝ беа отворени, изгледаше како да е жива, кажа Габриела Наунова во своето сведочење на денешното рочиште за пожарот во „Пулс“.

Претходно, Габриела Наунова раскажа што се случувало критичната вечер. Во траорното сведоштво таа рече дека Надица првично рекла оти нема да оди.
„Јас со другарки бев во кафуле. Кога се вратив во 10 часот, таа не беше дома. Ја побарав, рече дека е во ‘Булевар‘ (кафуле). Ѝ кажав дека ме боли главата и ако има нешто, да ми се јави. Телефонот ми заѕвони во два и четириесет и некоја минута. Не можев да го најдам телефонот. Потоа ѕвонеше телефонот на сопругот. На телефон беше мојата пријателка Анита. Рече, дискотеката гори. Го спуштив телефонот, го зедов палтото и со сопругот тргнавме кон дискотеката. Неколкупати ѝ ѕвонев, но не ми креваше на телефонот. Сфатив дека е нешто големо“,
рече таа.
Кога стигнале кај кружниот тек, наишле на полицајци кои им рекле дека не можат да продолжат кон „Пулс“.
„Јас се симнав од колата. Видов како две лица стојат. Тоа беа Мартин и Бојата, така го викаат на прекар, од обезбедувањето на дискотеката. Едниот од нив извика – леле што направивме, не се сеќавам кој од нив. Трчав нагоре и го извикував името на Надица, надевајќи се дека ќе ја видам. Кога стигнав, видов ужас. Луѓе трчаа и врескаа насекаде. Отрчав од страната кај женските вециња. Девојчиња се држеа за решетките и викаа – воздух, дајте ни воздух. Прашав дали некој ја видел Надица. Никој не ми одговори“,
раскажуваше таа.
Повторно се вратила кај влезот на Пулс и, како што кажа, со раце почнала да го крши ѕидот за да им влезе воздух на децата, бидејќи го знаела распоредот.
„Како што кршев, некој ми подаде девојче. Целото беше поцрнето во лицето, но беше живо. Ја исправив, до ѕидот, и ја прашав дали е добро. Ми потврди, а јас се вратив кај влезот“,
кажа Наунова.
Второто дете што го примила в раце била нејзината ќерка. Рече дека нејзиниот сопруг претходно влегол во објектот и ја нашол Надица при самиот влез.
„Почнав да барам помош и некого да ми донесе вода. Почнав да ја мијам и да ја удирам по обравчињата, но немаше никаква реакција“,
рече таа.
Побарала помош од еден од полицајците што биле во близина.
„Еден се сврте и ми рече: Јас не сум обучен за тоа. Се заврте и ми рече – јас не сум обучен за тоа“.
Потоа дојде Жарко, сопруг на починатата Моника, ја зеде Надица и ја качивме во моето возило и ја однесовме во болница.
На прашање од обвинителката дали знае како му е името на полицискиот службеник, таа одговори дека не знае.
Во болницата рече дека биле меѓу првите што пристигнале.
„Веднаш ја внесоа Надица во сала на одделот за хирургија, мене ми рекоа да чекам надвор“,
кажа Наунова.
Потоа додаде дека една медицинска сестра ѝ кажала оти го вратиле пулсот на девојчето. Но, таа сепак отишла во една просторија од каде што се гледала салата во која била ќерка ѝ.
„Кога видов дека детето ми лежеше само на креветот, без никој околу неа, без никој да ми каже дека е почината, тогаш целиот свет ми се сруши. Многу е тешко да си го гледаш сопственото дете мртво. Мислев дека е некој кошмар, некој сон, дека тоа што ни се случува не е вистина. На никого не посакувам да си го види детето починато. Беше како солза, уште ѝ мирисаше парфемот на телото“,
кажа мајката.
На прашање на обвинителката кои биле луѓето што не ја пуштиле да влезе во дискотеката, Наунова рече дека тоа биле лица кои помагале, но не биле ниту пожарникари, ниту од обезбедувањето.
Прашана од каде ги знае лицата од обезбедувањето, таа рече дека последните две години била чест гостин во „Пулс“.
„И Лазе Портокало, Мартин и Бојата беа постојано таму. Беа тројца обезбедувачи и ништо повеќе“,
кажа таа.
На прашање дали носеле некакви обележја, таа одговори одречно, додавајќи оти цело Кочани знаело дека тие се обезбедување.
„Но на себе немаа никакви ознаки“,
наведе Наунова.
Потоа, како што кажа, не се сеќава на ништо.
Наунова беше трет сведок на Обвинителството на денешното рочиште.
Пред неа исказ даде Ирена Минова, мајка на Драгана Минова, која трагично загина во кочанското кабаре.
Таа им порача на обвинетите дека од нив не бара сожалување, туку да ја признаат вината.
„Тука сум не затоа што сум силна, туку затоа што ѝ ветив на мојата ќерка дека кога ќе дојде денот, ќе ја зборувам вистината за сè она што доживеав и видов. Денес би сакала да зборувам за тежината на еден родител како мајка која ја изгуби својата ќерка и глас на 63 млади згаснати животи. Јас и моето четиричлено семејство. Живеевме во семејството, дом кој беше скромен. Драгана имаше 16 години, не го дочека за еден месец својот 17-ти роденден”,
кажа Минова.
Сведочеше дека во „Пулс“ критичната вечер бил и нејзиниот син Стефан, кој исто така бил малолетен. Бил заедно со негови другарчиња на возраст од 13, 14 години.
„Мојот син кога дошла полицијата да прави рација прво застанале кај нив на маса, но кога сфатиле дека се малолетни ги избркале надвор. Тој и неговите другари биле пред диското додека службените лица си ја вршеле својата работа. Во тој момент се создала гужва, и кога сфатил дека е пожар бил беспомошен, сакал да се врати во диското за да ја врати својата сестра. Кога не успеал ме барал мене, но не успеал. Слушнав како сопругот извикува пожар, каде е сестра ти? Тргнавме накај Пулс”, имаше полицајци кои го регулираа сообраќајот. Не дозволуваа паркинг. 2:11 минути беше последната комуникација, 2:38 син ми ѕвонеше, 2:50 затекнавме хаос. Кога слушнав пожар не замислував такво нешто, мислев дека сите деца се надвор. Пред вратата стоеше само една пожарна и полициско возило и болничко возило. Деца лежеа на земјата некои од нив беа починати, некои бараа помош, лицата им беа црни. Видов возрасни кои отидоа да пружат помош. Ја барав мојата ќерка, ѕвонев. Телефонот ѕвонеше, но не креваше. Знаев дека и е потребна помош. Викав на сиот глас, но немаше кој да ме слушне. Пред пожарната стоеја двајца полицајци и една полицајка. Слушнав една мајка како плаче и вика каде ми е ќерката. Тоа беше мајката на Надица Наунова. Габриела бараше помош. Кога стигнав не ме пуштија да влезам во тесната врата. Бараше помош да го сруши ѕидот но не доби помош. Сама го кршеше ѕидот. Пред првата влезна врата зад која имаше ходник, ве-це, тоалет. Сакаше да направи простор да влеземе да си ги бараме децата. Јас продолжив да ја барам мојата ќерка. На вратата го видов обезбедувањето Лазар, кој ги прифаќаше децата но не видов дека некој од обезбедувањето е внатре и помага. Тие што беа внатре и на кои им беше потребна помош никој не им помогна. Внатре влегуваше еден од пожарникарите, застануваше да земе воздух. Сето она останато што велеа дека помагале, ништо не видов. Кога се вратив кај сопругот слушав деца кои бараа помош да им помогнат имало прозор со решетки. Побараа помош од полицаецот Драган Петрушев – Казак и се упатија кон прозорецот но почнаа да паѓаат делови, почна да пука нешто и се вратија. Кога се вратив таму го видов Михајло – синот од газдата, како седеше, а до него седеше Казак, стоеја на страна гледаа додека деца бараа помош тие стоеја и гледаа. Сега слушам дека сите помагале. Да било така немало, да има ниту една жртва. Помагаа само оние што сега веќе се починати, немаше веќе простор да влезеш два три пати, а да излезеш жив“,
сведочеше Минова.
По извесен период се вратила пред влезот на објектот и видела како ќерка и Драгана ја држат во раце. На нејзиното тело немало изгореници.
„Бев среќна, мислев дека е само онесвестена, но не и почината. Од нејзиното тело се слушале необични звуци додека ѝ даваа вештачко дишење. Кога отидовме во болницата и таму беше слично. Многу народ имаше, родители, во ходникот на брза помош лежеа мртви деца. Насекаде имаше крв, се осеќаше мирисот на изгорени теча. Мојата ќерка лежеше во брза помош на земја. Таму медицинскиот персонал даваа сè од себе за да ја спасат, ѝ беше пружена помош. Гледав и мислев дека ќе ги отвори очите, не бев ни свесна дека моето дете не е меѓу живите. Некаде пола саат лежеше на подот сè додека докторката не повика двајца за да ја однесат. Мислев дека ќе ја качат во одделение но ја однесоа во мртовечницата. Тогаш сфатив дека мојата Драгана ја изгубив засекогаш. Драгана како и сите други деца отидоа на диско, но ги дочекавме во сандаци дома. За крај би сакала да додадам дека по 16 март животот на моето семејство не е веќе ист. Нашите деца не починаа од природна смрт, беа убиени, задушени. Имаа право на свој живот, на своја среќа. Болката што ја носиме секој ден е тешка. 63 бројот не треба да биде запишан на хартија туку бројот 63 се човечки животи”,
рече таа.
Минова потоа им се обрати на обвинетите.
„Од вас не барам сожалување, туку да ја признаете вината затоа што со вашите потписи ја запечативте судбината на нашите деца“,
рече Минова.
Пред неа сведочеше Марија Петрушева, мајка на Андреј Петрушев, кој исто така загина во кочанската трагедија.
Следното рочиште е закажано за 14 јануари, кога искази треба да дадат петмина сведоци на Обвинителството.
Поврзани вести:
- Не успеавме да го спасиме брат ми, ми рече другиот син – сведочеше мајка на судењето за „Пулс“
- Најден мобилен телефон кај сопственикот на „Пулс“ во затворот во Куманово, судијката му даде опомена
- Со сведочења на родители на жртви треба да продолжи судењето за „Пулс“
- Тензично на судењето за „Пулс“: Родители вербално се судрија со обвинет кој кажа дека и тие треба да се на обвинителна клупа
