„Психичката состојба на Кристијан тогаш и денес е многу лоша бидејќи се обвинуваше дека не можел да го спаси брата си. Уште има кошмари. Најтешка му е загубата на брата си. Вели дека во тие десетина минути додека се смирило стампедото и додека спасувале други животи, не можел да му помогне на брат му. Покрај загубата на едниот, се борам да го подигнам другиот син. Некогаш мислам дека сум успеала, но тоа ќе остане засекогаш со него“, вели таа
Не успеавме да го спасиме, ми рече син ми Кристијан, додека Андреј, неговиот брат, лежеше на кревет во болницата во Кочани. Со тескобен глас, пол болка, на моменти го придушен од плач, Марија Петрушева, мајка на Андреј и на Кристијан Петрушеви, како сведок на Обвинителството раскажуваше за ноќта кога ѝ се сменил целиот живот – пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, поради кој нејзиниот син Андреј останал без пулс.

Андреј работел во ресторанот „Престиж“ во Кочани, а вечерта бил повикан и на испомош во „Пулс“ од страна на сопственикот Дејан Јованов-Деко.
Бил повикан и неговиот брат Кристијан, кој првин рекол дека нема оди. Двајцата биле вешти во угостителската работа. Андреј се запишал на факултет, но се откажал и работел во Хрватска, а потоа се вратил во Кочани. Планирале со братот повторно да одат во април.
Марија Петрушева, одговарајќи на прашања на Обвинителството, рече дека утрото на 16 март биле будни со сопругот, кога ги слушнале првите сирени.
„Од нашата тераса се гледа кон болницата. Отпрвин мислев дека е некоја сообраќајка, не се вознемирив веднаш. По 15 минути почнаа да свират многу возила и видовме дека противпожарно возило оди во спротивен правец. Се движеше од центарот на градот кон периферијата. Имаше многу цивилни коли со трепкачи. Дури забележав неколку коли кои одеа во правец на стадионот”,
раскажуваше таа.
Тогаш, кажа, се почувствувал и тежок мирис на чад. Од другата тераса рече дека се гледал излезот на Кочани. Кога отишле на тој балкон, виделе дека целото небо таму е осветлено, но не знаеле за што станува збор.
„Таму е и дискотеката ‘Пулс‘. Бидејќи имаше концерт на групата ДНК, ми дојде мисла дека таму нешто се случува. Почнав да им ѕвонам на двајцата синови, наизменично, но одговор немаше. На Андреј му пишав на Инстаграм што се случува, но пораката и ден-денес остана непрочитана“,
кажа Петрушева.
Тргнале со автомобил во тој правец. Неколку лица што ги сретнале патем, им кажале што се случува. Одевме по споредни улици оти по главната имаше многу возила.
„Како се приближувавме кон дискотеката, го гледавме пламенот што беше сè поголем. Патем видовме неколку деца кои ги прашавме што се случува. Рекоа – ‘Пулс’ гори. Ѕвоневме и кај мојата мајка бидејќи другиот син Кристијан требаше да спие кај неа. Рече дека бил да се пресоблече околу 2 часот и потоа заминал во дискотеката“,
раскажуваше таа.
Кога стигнале кај „Пулс“, наишле на насекаде растрчани луѓе. Прашала другар дали ги видел нејзините синови. Тој им рекол дека Кристијан е добар, а Андреј со амбулантно возило и со слаб пулс бил однесен во болница.
„Пред дискотеката имаше премногу тела, од кои некои не се ни препознаваа. Сопругот отиде во дискотеката. Јас почнав да ги превртувам телата. Повеќе го барав Андреј оти за Кристијан слушнав дека го виделе. Тоа што се однесени во болница ми даваше сигурност дека ќе им биде укажана помош. Не сфаќав дека тие деца што лежеа таму се мртви, мислев дека се онесвестени од чадот. Сè уште не сфаќав што се случува”,
рече Петрушева.
Оттаму отишле во болницата. Патот дотаму бил блокиран, поради што морала да трча седум-осум минути, додека сопругот барал паркинг. На влезот во болницата ја дочекала уште пострашна глетка.
„Цел ходник беше со деца кои лежеа исцрнети, некои до непрепознавање. Персоналот беше растрчан. Викав по Кристијан. Тогаш слушнав една докторка како му вели на родител дека нејзината ќерка починала. Тоа беше шокот. Некој рече дека има деца и на другите одделенија. Оттаму се упатив на интерното одделение. Сè беше хаос. Додека се пробивав до таму, некои деца ги носеа со количка. Во интерното одделение почнав од првата соба, вратите беа отворени. Викав по Кристијан оти ми беше логично дека е свесен и дека е со својот брат, и треба да ме слушне. На крајот од ходникот во соба број 2, која е спроти другиот влез на интерното одделение, налетав на Кристијан, кој влегуваше во тој момент. Мамо, рече тој. Јас викав: брат ти, брат ти. Не успеавме да го спасиме, ми рече тој. Јас не му верував. Влегов во собата, Андреј беше на вториот кревет кај прозорот. Изгледаше нормално, немаше изгореници, само изгореница на подлактицата“,
рече таа.
Кристијан ѝ кажал дека докторите му давале адреналин.
„Андреј изгледаше толку жив. Велев дека лекарите не знаат што зборуваат. Почнавме да му даваме вештачко дишење, бидејќи првпат се соочувам со таква ситуација. Кога му давав вештачко дишење, тој испушташе необични звуци, и тогаш мислев дека се враќа, дека го оживуваме. Многу време го реанимиравме. Умот не ми даваше да се помирам со тоа дека мртов“,
кажа таа.
Од лекар кој поминувал во близина рече дека побарала да му помогне на Андреј. Тој рекол оти нема пулс и не може ништо да се направи.
„Имаше уште три деца во собата. Лекарот ги прегледа сите, никој немаше пулс. Иако докторот утврди смрт, јас не прифаќав. Сопругот и Кристијан велеа – доста го мачиш, не можеме да го вратиме. Им реков да ме остават неколку моменти да останам да го гушнам и да лежам до него. Тогаш дојдоа службени лица од МВР, ни рекоа да излеземе и дека ако има нешто, ќе нè известат. Таму бевме можеби уште половина час. Потоа се симнавме во Итната помош, како наближувавме, гледавме родители и блиски од Кочани. Се слушаа пискотници“,
рече Петрушева.
На 16 март попладнето рече оти биле известени дека ќе ги носат починатите на обдукција во Скопје. Отпрвин родителите не дозволувале, но потоа, откако им било кажано дека тоа мора се направи, попуштиле.
На прашање од обвинителката таа раскажа што видела во другите соби во болницата пред да ги најде синовите.
„Во првите соби имаше доктори што правеа реанимација на децата, се обидуваа да ги спасат. Во неколку соби имаше пациенти што редовно лежат. Пред да стигнам во собата број 2, имаше легнати деца. Мислев дека се пациенти што спијат. Беа легнати на кревети. Немаа повреди. И во собата на Андреј децата беа изгорени, изгледаа нормално“,
рече таа.
За Кристијан рече дека уште е во тешка психичка состојба и оти не може да се помири со тоа дека не успеал да го спаси својот брат. Во болницата, рече, Кристијан бил избезумен и револтиран.
„Мавна со раката и го скрши стаклото во собата. Кристијан немаше повреди, во моментот на пожарот бил надвор на цигара“,
рече таа.
Прашана каква е состојбата на Кристијан по настанот, Петрушева рече:
„Првично ми кажаа дека сите што биле во дискотеката, без разлика што немаат повреди, мораат да одат на дополнителни испитувања“.
Таа не дозволила Кристијан да го носат со амбулантно возило бидејќи сметала оти има трауми од ноќта кога одел со брата си кон кочанската болница.
„Таа вечер тој неколку пати влегувал во дискотеката, спасувајќи животи и барајќи го својот брат. Во моментот кога видел дека неговиот брат е пред ‘Пулс’, оти го изнел некој друг, го качиле во амбулантната кола. До него имало едно мртво дете и едно многу повредено. Психичката состојба тогаш и денес му е многу лоша бидејќи се обвинуваше дека не можел да го спаси брата си. Уште има кошмари. Најтешка му е загубата на брата си. Вели дека во тие десетина минути додека се смирило стампедото и спасувале други животи, не можел да му помогне на брат му. Покрај загубата на едниот, се борам да го подигнам другиот син. Некогаш мислам дека сум успеала, но тоа ќе остане засекогаш со него“,
рече таа.
Прашана дали има нешто да додаде, Петрушева рече дека во овој момент му завидува на едно лице, кое е одговорно за смртта на нејзиното дете затоа што неговиот син денеска седи до него, притоа мислејќи на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, кој е првообвинет во предметот.
