Судијката Дијана Груевска-Илиевска рече дека ако повторно се случи кај него да биде пронајден мобилен телефон, ќе забрани да прима посети
Кај Дејан Јованов-Деко, првообвинет во судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ бил пронајден мобилен телефон во затворот во Куманово, каде ја издржува мерката притвор. Ова на самиот почеток на денешното рочиште го кажа судијката Дијана Груевска-Илиевска.

„Дејан Јованов, добив известување дека кај вас е најден телефон ‘нокиа‘ со сим-картичка“,
рече таа.
На нејзината забелешка, сопственикот на „Пулс“ даде некаков краток коментар, но бидејќи не му беше вклучен микрофонот, не се слушна што кажа во делот за јавност во судницата.
Судијката додаде дека овој пат ќе му изрече само опомена, но оти ако се случи повторно, ќе забрани да прима посети.
„Јас досега не правам проблем, не знам кој ви ги носи, дали вашите, сега ќе дадам опомена, а после ќе забранам посета”,
кажа судијката.
На едно од претходните рочишта, судијката информира дека десетина мобилни телефони биле најдени кај обвинетиот Џеваир Камбери во затворот во Шутка.
На следното рочиште, неговиот адвокат Насер Рауфи кажа дека било утврдено оти мобилните телефони и лаптопот биле на друго лице. Инаку, на Камбери притворот му е заменет со куќен притвор по дадена гаранција во недвижен имот од 600 000 евра.
