Сепак, според премиерот, проблемот со аерозагадувањето е резултат на, како што вели, децениската негрижа за граѓаните, особено на оние во источниот и во западниот дел од главниот град на кои не им се понудени и обезбедени алтернативни извори на енергија со кои во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови
Дислокација на цементарницата „Усје“ не е проблем за Владата – вели премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги заклучоците усвоени на вчерашната седница на Советот на Град Скопје со кои се бара властите да донесат одлука за дислокација на цементарницата и големите индустриски загадувачи надвор од Скопје.

„Прво да ги видиме заклучоците од Град Скопје бидејќи сè уште не сме имале можност да ги видиме и нормално дека согласно ингеренциите кои ги имаме ќе постапиме. Од тоа што можев да го слушнам во јавноста, се бараат вонредни инспекциски контроли, континуиран надзор. Тоа не е никаков проблем бидејќи и сега функционира. Што се однесува до дислокацијата – и тоа не е проблем што се однесува до Владата“,
изјави Мицкоски одговарајќи новинарски прашања по промоцијата на 120 нови полициски возила.
Сепак, според премиерот, проблемот со аерозагадувањето е резултат на, како што вели, децениската негрижа за граѓаните, особено на оние во источниот и во западниот дел од главниот град на кои не им се понудени и обезбедени алтернативни извори на енергија со кои во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови.
„Тоа е децениска негрижа и основната суштина во целиот овој процес. Ние како Влада работиме и развиваме еден проект за кој очекувам деталите да бидат познати на почетокот на следната година. Веќе разговараме и со инвеститорот со кој потпишавме меморандум за разбирање да го развиеме проектот за когенеративна гасна централа со која сме сигурни дека сериозно ќе се реши проблемот со затоплувањето на домовите на источната порта на градот, а потоа истото тоа ќе го направиме и во западната порта. За жал, треба време, притисокот е голем, но важно е дека имаме цел и чекориме кон остварување на таа цел“,
рече Мицкоски.
Премиерот рече дека за проблемот се бара системско решение – не само за Скопје туку и за внатрешноста.
„И во другите градови во Македонија каде што исто така нема такви производни капацитети има вонредно високо количество на ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките така што мора ова да биде системско решение. Не може парцијално како на шведска маса да избираме – тоа што ни одговара да го анализираме, а тоа што не ни одговара да не го анализираме, мора холистички да биде пристапот, а така и работиме“,
додаде Мицкоски.
Изјавата на Мицкоски следува откако претходно вчера Советот на Град Скопје усвои заклучок за отпочнување постапка за дислокација на цементарницата „Усје“ и сите големи индустриски загадувачи надвор од Скопската Котлина со цел решавање на проблемот со аерозагадувањето. Со заклучокот, градоначалникот на Град Скопје се задолжува да се обрати до Владата за разгледување на начинот за отпочнување на постапката за дислокација.
