„Наши поранешни функционери, еден поранешен функционер, други двајца претходно, едниот кој не се појавил во јавноста не знам од кога, со години, некои луѓе коишто не се веќе во партијата туку заминале во предавничката ЗНАМ сега наеднаш во овој момент излегуваат, се активираат и се гласни на јавните мрежи. Се поставува прашањето зошто тоа не го правеа изминатиот период, една и пол година. Како тоа сега кога почнавме една ваква сериозна акција, издржана со сериозни анализи и документи од луѓе коишто нè информираат“, кажа лидерот на СДСМ на денешниот отворен брифинг со новинарите
Јавните реакции на поранешни високи функционери на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) против актуелното раководство, според лидерот на партијата, Венко Филипче, се организирани и финансирани од ВМРО-ДПМНЕ и доаѓаат во време кога новиот им почна со објавување на т.н. „бомби 2.0“ за разоткривање на коруптивни случаи на актуелната власт.

Темата особено доби на внимание во јавноста откако ексградоначалникот на Скопје и поранешен висок функционер на СДСМ, Петре Шилегов, јавно преку објава на социјалните мрежи побара оставка од Филипче од лидерската позиција во партијата, а со коментари се јавија и други поранешни партиски функционери.
Филипче на ова прашање се осврна на денешниот отворен брифинг/прес-конференција за новинарите, на која се осврна на повеќе актуелни теми од политиката, правосудството, економијата и целосниот општествен живот во државата.
На конкретната тема се осврна на крајот од своето излагање.
Тезите и пораките што ги изнесе во тој контекст, дојдоа како надоврзување на обвинувањата што ги упати кон актуелната власта за коруптивни дејствија, а кои почна да ги открива антикорупцискиот тим на СДСМ.
Потестувајќи на досега објавените т.н. „бомби“, Филипче во таа насока рече дека на платформата што ја отворија секојдневно добиваат по стотици документи, пријави од граѓани, но, како што кажа, и од вработени во јавни институции, луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ и од незадоволни членови на владејачката партија.
Сите материјали, рече Филипче, ќе бидат јавно презентирани, а потоа и поднесени до соодветните институции.
Потоа тој продолжи велејќи:
„Уште една работа што сметам дека е многу битно да се потенцира. Токму во овој период кога почнавме да ги откриваме сите коруптивни зделки на власта, кога почнавме да го разобличуваме предавството и нивниот лажен патриотизам, гледаме и сведочиме сме дека не се избираат средства да нè замолчат. Има серија обиди да се прикаже некакво уривање на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од внатре.
Наши поранешни функционери, еден поранешен функционер, други двајца претходно, едниот кој не се појавил во јавноста не знам од кога, со години, некои луѓе коишто не се веќе во партијата туку заминале во предавничката ЗНАМ, сега наеднаш во овој момент излегуваат, се активираат и се гласни на јавните мрежи. Се поставува прашањето зошто тоа не го правеа изминатиот период, една и пол година. Како тоа сега кога почнавме една ваква сериозна акција, издржана со сериозни анализи и документи од луѓе коишто нè информираат“,
рече лидерот на СДСМ.
Она што во меѓувреме го откриле, кажа Филипче, е дека сите тие, условно кажано, напади, се организирани и финансирани од ВМРО-ДПМНЕ и дека станува збор за цел проект.
„Целиот проект го води ВМРО-ДПМНЕ, тие се налогодавачи, финансиери, а дека во заднина еден од можните финансиери на овој проект е ‘Алта банка’, банката којашто дојде од Србија со сомнителен капитал, на којашто нашите власти ширум ѝ ги отворија вратите, а во европските земји не ѝ дозволуваат влез поради сомнително потекло на капиталот“,
кажа претседателот на СДСМ.
На некои членови, додаде тој, им пречело тоа што млади лица ги преземаат раководните функции, особено оние што се дел од т.н. антикорупциски тим, но, како што посочи тој, за сите овие прашања треба да се дискутира внатре во партијата, а не преку медиумите и социјалните мрежи.
„Упатувам јавна и јасна порака дека секој еден мора и треба и ќе има шанса. Јас разбирам суети, различни фрустрации, меѓутоа партијата е место каде што секој може да каже што има, да се дебатира, да се дискутира, и ако беше намерата добра и вистинска ќе се правеше тука, а не преку медиумите и социјалните мрежи“,
кажа тој.

Лидерот на СДСМ, упати порака, велејќи дека во борбата за правда никој нема да ги запре, и оти ќе успеат во целта – да ја вратата власта во рацете на граѓаните.
„Решени сме во тоа. Има нова сила во СДСМ, комбинација на поранешни, искусни луѓе, нови млади луѓе, интензивно се работи на секој еден сегмент во партијата, креирањето на политиките. Борбата е почната, крајот се гледа каде е. Секој еден што е замешан во корупција и криминал сакам да порачам дека ќе одговара“,
подвлече Филипче.
