Сообраќајните несреќи, во кои редовно учествуваат автобуси или камиони, се чести во Мексико, а во најголем број од случаите тие се предизвикани од пребрзо возење или механички дефекти
Најмалку десет лица загинаа, а 32 се повредени во автобуска несреќа што се случила во источната мексиканска држава Веракруз, соопштија синоќа локалните власти, пренесоа светските медиуми.

Несреќата, според информациите, се случила во средата во градот Зонтекоматлан, додека автобусот патувал од главниот град на земјата, Мексико Сити, кон селото Чиконтепек.
„Потврдивме дека загинале девет возрасни лица и едно дете“,
соопшти канцеларијата на градоначалникот на Зонтекоматлан.
Инаку, сообраќајните несреќи, во кои редовно учествуваат автобуси или камиони, се чести во Мексико, а во најголем број од случаите тие се предизвикани од пребрзо возење или механички дефекти.
Кон крајот на ноември годинава во слична сообраќајна несреќа во Мичоакан, исто така, загинаа десет лица, додека 20 беа повредени.
