„Претходно ги предупредив овие терористи дека ако не престанат со колежот на христијаните ќе се соочат со пекол, а вечерва се случи такво нешто. Министерството за војна изврши многубројни совршени напади, какви што само САД се способни да изведат“, напиша американскиот претседател на неговата социјална платформа
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека воените сили на земјата извршиле воздушни напади во позиции на милитантите на „Исламска држава“ (ИД) во северозападниот дел на Нигерија, пренесоа светските медиуми.

Нападите доаѓаат откако администрацијата на САД изминатите неколку недели упати закани кон групата, обвинувајќи ја дека врши масакри врз претежно христијанско население.
Трамп синоќа, информирајќи за нападите во објава на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth social), ги повтори ваквите наводи, нарекувајќи ги припадниците на „Исламска држава“ како „терористички ѓубриња“.
„Вечерва, по моја наредба како врховен командант, САД започнаа моќен и смртоносен напад врз терористичките ѓубриња на ИД во северозападна Нигерија, кои таргетираат и злобно убиваат невини христијани, на нивоа невидени со години, па дури и со векови. Претходно ги предупредив овие терористи дека ако не престаната со колежот на христијаните ќе се соочат со пекол, а вечерва се случи такво нешто. Министерството за војна изврши многубројни совршени напади, какви што само САД се способни да изведат“,
напиша Трамп.
Африканската команда на војската на Соединетите Американски Држави (САД) соопшти дека нападот бил извршен во државата Сокото, во координација со нигериските власти. Во изјава, претходно објавена на платформата Икс, од африканската команда на силите на САД рекоа дека нападот бил извршен на барање на властите во Нигерија, но соопштението подоцна беше отстрането од социјалната мрежа, пренесе британски „Гардијан“.
Шефот на Пентагон, Пит Хегсет, изјави оти е благодарен за поддршката и соработката со нигериската влада.
At the direction of the President of the United States and the Secretary of War, and in coordination with Nigerian authorities, U.S. Africa Command conducted strikes against ISIS terrorists in Nigeria on Dec. 25, 2025, in Sokoto State.
— U.S. Africa Command (AFRICOM) (@USAfricaCommand) December 26, 2025
Министерството за надворешни работи на Нигерија соопшти дека нападите биле извршени како дел од тековната безбедносна соработка со САД, што вклучува и размена на разузнавачки информации и стратегиска координација за таргетирање милитанти групи на територијата на земјата.
„Ова доведе до прецизни удари врз терористички цели во Нигерија преку воздушни напади во северозападниот дел“,
соопшти Министерството во објава на Икс.
Американскиот претседател претходно се закани дека ќе започне жестока воена интервенција во Нигерија, истовремено обвинувајќи ја владата на земјата дека не вложува соодветни напори во спречувањето на нападите врз христијанското население од страна на исламистички групи.
Насилството врз христијаните од страна на милитантни групи, привлече значително меѓународно внимание, особено меѓу припадниците и поддржувачите религиозната десница во САД, кои ваквите случувања ги оценија како верски прогон.
Од друга страна властите во Нигерија ги отфрлија овие обвинувања, наведувајќи дека милитантните групи подеднакво ги напаѓаат и вршат насилство и врз муслиманите и врз христијаните во земјата, додавајќи владата вложува напори во насока на заштита на верските слободи. Нигериската влада, сепак, се согласи да соработува со Соединетите Држави и да ги зајакне своите сили во борбата против милитантните групи.
Според повеќемина аналитичари ситуацијата на овој план во земјата е сложена и има длабоки корени во историјата на регионот.
Во делови од Нигерија, судирите меѓу номадските сточари, кои се претежно муслимани, и христијаните кои во најголем дел се занимаваат со земјоделство своите корени ги влечат од борбата за земја и вода.
Извештаите за киднапирани свештени лица за откуп во Нигерија се чести, но според некои експерти овие случаи можно е да се поттикнати од криминални побуди, а не од религиозна дискриминација.
