На видеото се гледа дека покрај канцелариски мебел, во неа се поставени и душеци, што претставуваат импровизирани кревети, а има и апарати за приготвување чај и тост сендвич
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ денеска на неговиот фејсбук-профил објави видео од канцеларија во министерството со кое раководи, а во која, како што вели, работеле отпуштените служеници од Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Оваа објава на Стоилковиќ следи откако денеска опозициската ДИИ обвини за дискриминација во Министерството за односи меѓу заедниците, бидејќи вчера од оваа институција се отпуштени седуммина Албанци.
Вака, како што вели Стоилковиќ во описот на видеото, изгледа канцеларијата што ја оставиле вчера, откако биле отпуштени од работа.
На видеото се гледа дека покрај канцелариски мебел, во неа се поставени и душеци, како импровизирани кревети, а има и апарати за приготвување чај и тост сендвич.
„Ова е канцеларија во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што гледате, во која ‘работеа‘ вчера отпуштените службеници, кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирање на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку“,
напиша Стоилковиќ на Фејсбук.
Од ДУИ денеска соопштија дека одлуката за нивно отпуштање претставува директен удар врз принципите на рамноправност, коегзистенција и правична застапеност и не може да се оправда со невистинити и навредливи оправдувања за јавното мислење, како што е тврдењето за т.н. „дисциплинска мерка“.
„Во услови кога на вработените им се одземаат најосновните елементи за работа, како функционални канцеларии, столчиња, техничка опрема и конкретни задачи, секоја таква мерка е административна фарса и доказ за однапред смислена дискриминаторска намера“,
се вели во соопштението од ДУИ.
Според партијата, министерството чија мисија е да ја штити меѓуетничката еднаквост свесно се претвора во очигледен пример за нејзино прекршување.
