Основниот буџет на Град Скопје за 2026 година изнесува 5 201 600 000 денари, што претставува зголемување од 12,04 отсто во однос на годинава
Според Ѓорѓиевски, зголемувањето е резултат на засилена и одговорна наплата на приходите во период од само еден и пол месец, со што на крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари
Советот на Град Скопје денеска едногласно го усвои буџетот за 2026 година. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски соопшти дека буџетот е усвоен без ниту еден глас против, што е доказ дека кога има ред, визија и работа, има и резултати.
Најави засилен инвестициски циклус во следниот период.

„Им се заблагодарувам на сите советници што го поддржаа. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане на нозе и да оди напред“,
напиша тој на Фејсбук.
Основниот буџет на Град Скопје за 2026 година изнесува 5 201 600 000 денари, што претставува зголемување од 12,04 отсто во однод на годинава.
Според Ѓорѓиевски, зголемувањето е резултат на засилена и одговорна наплата на приходите во период од само еден и пол месец, со што на крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари.
„Дополнително, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата за студентски превоз за заостанатите години, обврска за која претходната влада на СДСМ немаше слух“,
вели тој.
Капиталните инвестиции во основниот буџет изнесуваат 1 787 000 000 денари или 34,4 отсто од вкупниот буџет.
За споредба, според градоначалникот, во 2025 година капиталните инвестиции изнесуваа 1 344 160 000 денари, односно 28,9 отсто.
„Ова значи повеќе инфраструктурни зафати, повеќе проекти на терен и конкретни, видливи резултати за граѓаните“,
додава Ѓорѓиевски.
Образованието, како што вели, останува еден од нивните највисоки приоритети, за што се обезбедени средства за нови спортски терени во средните училишта, енергетски ефикасни фасади, нови клупи и столчиња, дополнителна ИТ-опрема, а по првпат се обезбедуваат униформи за сите ученици од прва година.
Буџетот за образование е зголемен за 7,5 отсто во однос на 2025 година, а дополнително се пренесуваат 68 милиони денари вишок од блок-дотациите за изградба на ново училиште.
Следната година се обезбедуваат средства и за вработување на 30 нови пожарникари, а се набавува и целосна заштитна униформа, како и три возила за интервенции во тешко проодни средини.
Културата добива силна поддршка со буџет од 159 831 000 денари, што е двојно зголемување во однос на 2025 година.
Со ова, според Ѓорѓиевски, се спасува и се продолжува проектот „Европска престолнина на културата – Скопје“.
Меѓу капиталните проекти се издвојува изградбата на лунапарк, кој ќе биде завршен во 2027 година.
Со 40 милиони денари се инвестира во набавка на нови канти и контејнери, а во нови возила за „Комунална хигиена“ во износ од 24,2 милиони денари.
Патната и сообраќајната инфраструктура е посебен фокус на Буџетот за следната година, со што се предвидени средства за изградба и реконструкција на булеварите ,,Македонија”, ,,Љубљанска”, ,,Борис Трајковски”, АСНОМ и ,,Цветан Димов”, за кружниот тек во Ѓорче Петров, за довршување на Момин Поток по решената експропријација, како и за реконструкција на улиците ,,Фрањо Клуз”, ,,Перо Наков”, ,,Димо Хаџи Димов”, 101 во Волково, ,,Бутелска” и ,,Радишанска”, изградба на улицата ,,Македонско-косовска бригада”, мостот и булеварот ,,Февруарски поход” и уредување на пристапите и паркинзите кај Матка.
„Буџетот за 2026 година е и буџет на финансиска консолидација“,
вели скопскиот градоначалник.
Најави дека ќе бидат издвоени средства и за градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Дрисла“, „Лајка“, „Улици и патишта“, како и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП „Скопје“.
