Со е-рецептот, како што рече, целта е да се намали несоодветното пропишување и издавање поголеми количини лекови од потребното, како и да се заштитат лекарите од притисоци од пациенти за добивање одреден лек, без разлика дали е соодветен за нивната индикација
Минатата година во земјава имаше 23 отсто зголемување во издавањето на лекот „сумамед“, кој треба да биде антибиотик за последна линија во лекувањето. Ова денеска на брифинг со новинарите го рече директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, најавувајќи дека се планираат повеќе мерки за ограничување на издавањето антибиотици од страна на матичните доктори.

Клековски вели дека лани е зголемено вреднувањето на матичните доктори со покачувањето на капитацискиот бод, а сега се очекува зголемена одговорност од нивна страна, што вклучува придржување до казнената политика доколку се надминат квотите за пропишување антибиотици и анксиолитици.
„Ограничување за пропишување имаме само кај антибиотици и анксиплитици“,
рече тој.
Втора мерка што се најавува е воведување на е-рецепт, што ќе овозможи заднинска контрола на индикациите и дозирањето на лековите.
„Ние во основа имаме загуба и во несоодветно пропошување лекови, во смисла на дозирање на издавање поголеми количини од што се неопходни“,
рече Клековски.
Системот е веќе тестиран кај матични доктори и во аптеки, а се очекува да стартува идната година.
Со е-рецептот, како што рече, целта е да се намали несоодветното препишување и издавање поголеми количини лекови од потребното, како и да се заштитат лекарите од притисоци од пациенти за добивање одреден лек, без разлика дали е соодветен за нивната индикација.
„Важно е и јакнењето на јавната свест. За нас најкритична е употребата на ‘сумамед‘, кој треба да биде антибиотик за последната линија на одбрана, а минатата година имавме 23 отсто зголемување во неговото издавање“,
кажа директорот на ФЗО.
Според него, е-рецептот е неопходен и заради контролите и намалување на неоправданата употреба, со цел зголемување на оправданата употреба на лекови.
„На позитивната листа се уште имаме премногу стари, евтини лекови што се лесно достапни, а ни недостигаат малку поскапи лекови од новите генерации што не се на листата“,
вели тој.
Клековски им се извини на граѓаните дека иако беше најавено дека до Нова година ќе биде достапен во аптеките лекот „еноксапарин“ против згрутчување на крвта, еден од двата лека што се познати како „клексан“, тоа нема да се случи.
