Пожарникарите, кажа, дошле многу брзо и веднаш се координирал со еден од нив околу помошта во гасењето. Цревото му го дал на пожарникарот, а тој со децата пошол кон неговиот сервис преку северната страна од дискотеката. Тогаш рече оти забележал дека помошната врата од „Пулс“ не е отворена. Со синот тргнале кон неговиот автомобил за да одат по клучот од сервисот, а потоа се вратиле назад и ставиле компресиски маски. Тогаш слушнале како почнал да пука покривот и врз нив да паѓаат парчиња од него. Му рекол на синот да го отвори објектот (сервисот) за да земе брусилка за да ги исече решетките од вецето на „Пулс“

Дејан Николов, сопственик на автосервис во непосредна близина на „Пулс“, беше првиот сведок на Обвинителството, кој на денешното рочиште во детали раскажа што се случувало вечерта кога се запалило т.н. кабаре и како помагал во спасувањето гости во објектот. Тој, заедно со неговиот син и негови другари, вечерта бил гостин во „Пулс“.
Одговарајќи на прашањата на обвинителот Владимир Милошевски, сведокот раскажа дека со негови пријатели претходно биле во кафуле во трговскиот центар во Кочани, а околу 1:30 часот заминале во „Пулс“. Откако влегле, отишле на еден од двата шанка, од каде што му пратил порака на синот, кој веќе бил таму.
„Таму беше Деко, Дејан Јованов (првообвинетиот во предметот, сопственик на ‘Пулс’). Тој се изненади кога ме виде оти долго време немав појдено во дискотеката. Не поминаа неколку минути, дојде детето (неговиот син) и ми кажа каде е со другарите. Му реков да оди таму, а дека јас ќе останам кај шанкот”,
раскажуваше Николов.
На барање на негов пријател решиле да одат на цигара, надвор од клубот, кај билетарницата. Дошол и неговиот син, кој сакал да го запознае со девојката. Надвор веќе биле дел од другарите на синот. Додека биле таму и се шегувале, во еден момент излегол еден од другарите, кој покажал видеоснимка и рекол „Дискотеката се запали“. Тогаш почнале да излегуваат повеќе луѓе и почнале да се слушаат чудни звуци однатре. Николов кажа дека децата биле многу вознемирени и тој ги повел со себе кон неговиот објект. Имало 15 до 20 деца.
„Видов тенок чад и слушнав чудни звуци како доаѓаат од внатре. Децата беа вознемирени, забележав како да снема струја и тогаш настанаа големи викотници. Потоа почна да излегува чад од предниот дел на објектот. И забележав дека од задниот дел кај женското веце излегува црн чад“,
рече тој.
На прозорецот од вецето имало решетки, и тогаш слушнал гласови оттаму (од женското веце). Кажа дека ги скршиле прозорците и на решетките виделе девојчиња како се држат и плачат, а дел од нив мавтале со мобилните телефони со вклучени светилки.
„Јас се обидов да ги смирам. Им велев дека брзо ќе дојдат пожарникарите. Со мене беше син ми, кој викаше: Тато, те молам спаси ги. Девојчињата велеа, чичко, прскај нè оти така полесно дишеме. Слушнав дека мајка комуницира со едно од девојчињата“,
рече Николов.
Пожарникарите, кажа, дошле многу брзо и со еден од нив веднаш се координирал околу помошта во гасењето. Цревото му го дал на пожарникарот, а тој со децата пошол кон неговиот сервис, преку северната страна од дискотеката. Тогаш рече оти забележал дека помошната врата од „Пулс“ не е отворена. Со синот тргнале кон неговиот автомобил за да одат по клучот од сервисот, а потоа се вратиле назад и зеле и ставиле компресиски маски. Тогаш слушнале како почнал да пука покривот и врз нив да паѓаат парчиња од него. Му рекол на синот да го отвори објектот (сервисот) за да земе брусилка за да ги исече решетките од вецето на „Пулс“.
Истовремено слушал некаков звук, но во целата ситуација не знаел за што станува збор. Потоа забележал дека пожарникарите донеле агрегат и ги исекле решетките.
„Син ми донесе маски со графитно полнење, кои ги користиме во нашата работа. Со маските останавме до 5:30 часот и тие маски нè спасија за да немаме повреди. Го прашав пожарникарот што се случува, ми рече дека направиле коридор преку кој вадат луѓе од дискотеката, а мене ми рече да продолжам да прскам со вода. Син ми одвреме-навреме ми велеше дека има повредени деца. Едно дете седеше целото со изгореници. Излегуваше чад од него. Сакав да прскам кон него, но ми текна дека на изгореници не треба да се става вода. Му дадоа да се напие вода“,
раскажуваше сведокот.
Николов рече дека тој продолжил да прска со вода на највисокиот дел од покривната конструкција, додека од другата страна биле пожарникарите.
„Немам ни претстава колку време поминало. Децата ги внесов во внатрешниот дел од сервисот. Тогаш направив раствор од сода бикарбона и шеќер бидејќи децата беа многу потресени“,
кажа сведокот.
Дотогаш впечатокот му бил дека има само повредени, но не и жртви.
„Тоа беше до околу 5:30 часот. Тогаш син ми ми кажа, тато, изгледа има жртви, има тела. Јас го фатив за рака и го тргнав. Тогаш видов три тела. Мислев само како да ги однесам децата дома“,
рече Николов.
Околу 8 часот рече дека му се јавиле од полицијата да го отвори сервисот за луѓето што се вклучени во спасувањето да можат да се мијат. На прашањето на обвинителот дали вечерта имало многу луѓе во „Пулс“, сведокот одговори потврдно додавајќи дека тоа било случај затоа што настапувала групата ДНК. Потврди дека било тешко луѓето да се разминуваат, а освен на двата паркинга, возила биле паркирани и на улиците.
Сведокот кажа и дека од „Пулс“ првин почнал да излегува бел, а потоа густ црн чад, кој сè поинтензивно се ширел. Кажа и дека во објектот критичната вечер имало малолетници.
Претходно, сведокот рече дека додека биле надвор пред да почне пожарот дошла полиција околу два часот. На прашање на обвинителот кажа дека имало седум-осум униформирани полицајци, а ако имало во цивил, не можел да ги препознае. На прашањето дали некогаш го прашал Дејан Јованов-Деко зошто помошната врата била затворена, рече дека тоа го направил еднаш одамна, а одговорот што го добил бил дека тоа е за да не влегуваат луѓе без билет. Николов кажа и дека додека горел „Пулс“, се чувствувал чуден мирис на изгорена пластика.
Инаку, на почетокот на неговото сведочење, одговарајќи на прашања на обвинителот, Николов рече дека објектот каде што наоѓал „Пулс“ претходно бил магацин за чанти, а пред тоа текстилна конфекција. Кажа дека Јованов го зел под закуп во 2012 г. и почнал со внатрешна реконструкција. Даде опис на изгледот на објектот одвнатре, од тоа што го видел кога наминувал на муабет и цигара. Кажа дека имало скали на две нивоа, кои воделе до клубот, а внатре имало два шанка врз кои имало две платформи. Кажа и дека кабарето било реновирано во 2024 година кога биле тргнати двете тераси и имало измени кај бината, каде што настапувале музичарите. Токму на овие прашања реагираа адвокатите од одбраната како при директното, така и при вкрстеното испрашување. Дел од нив рекоа дека сведокот нема соодветно образование за да зборува за реновирањето на објектот, за што говори и терминологијата што ја употребува при одговарањето на прашањата.
Следното рочиште е закажано за 29 декември, кога, како што најави судијката Диана Груевска-Илиевска, искази ќе даваат правни застапници, односно родители.
