За непочитување на дозволеното ниво на бучава при вршење угостителска или туристичка дејност, со казна од 6 000 до 7 000 евра ќе се казнат микротрговци, казна од 13 000 до 14 000 евра ќе добијат мали трговци, средните трговци ќе бидат казнети од 37 000 до 41 000 евра, големите трговци ќе добијат глоба од 62 000 до 69 000 евра, а со казна од 2 000 евра ќе биде санкциониран трговец поединец
Општина Аеродром информира дека започнува со контрола и мерења на прекумерната бучава со цел заштита на здравјето, мирот и квалитетот на живеење на граѓаните. Во фокус на контролите, како што наведуваат оттаму, ќе бидат угостителските и туристичките објекти со цел доследно почитување на законските одредби.

„Согласно член 9 од Законот за заштита од бучава во животната средина, забрането е емитирање бучава над пропишаните гранични вредности. Во станбените објекти, во вечерниот период од 19 до 23 часот дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 35 децибели, а во ноќниот период од 23 до 7 часот дозволеното ниво на бучава не смее да надмине 30 децибели“,
велат од Општина Аеродром.
За непочитување на дозволеното ниво на бучава при вршење угостителска или туристичка дејност, со казна од 6 000 до 7 000 евра ќе се казнат микротрговци, казна од 13 000 до 14 000 евра ќе добијат мали трговци, средните трговци ќе бидат казнети од 37 000 до 41 000 евра, големите трговци ќе добијат глоба од 62 000 до 69 000 евра, а со казна од 2 000 евра ќе биде санкциониран трговец поединец.
Од Општината апелираат доколку се изложени на прекумерна бучава, граѓаните да пријават на електронската адреса [email protected].
