Во прашањето на Филипче, премиерот рече дека се препознава интересна ПР-стратегија, а за начинот на неговото поставување, иронично кажа дека наликува на Левица од Алиекспрес
Во Собранието денеска се водеше жестока дебата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, на тема енергетска криза и поскапување на струјата.

Лидерот на СДСМ на седницата посветена на пратенички прашања ја обвини Владата дека и по две години власт не презела доволно мерки за зајакнување на домашното производство на електрична енергија. Посочи дека сега државата е принудена да увезува скапа струја и да прогласува кризна состојба, што директно влијае врз цените за граѓаните.
Упати и прашање до премиерот зошто сега мора да има поскапување на струјата за граѓаните, додавајќи дека тоа ќе повлече и други поскапувања.
„Како ја водите државава, како сме заглавени и очигледно сме го напуштиле патот на евроинтеграции, како немате намера ниту една политика да имплементирате. Во контекстот на длабокото, знаете дека сум охриѓанец по потекло, ние знаеме каде се скока, а каде не. Вие очигледно сте скокнале, како ќе испливате, вие мислете му ја“,
рече Филипче.
Во прашањето на Филипче, премиерот рече дека се препознава интересна ПР-стратегија, а за начинот на неговото поставување, иронично кажа дека наликува на Левица од Алиекспрес.
Во одговорот до Филипче, премиерот рече дека РКЕ по закон и Устав е независно тело и оттука додаде дека не разбира зошто ова прашање му се поставува нему.
„Претпоставувам треба да му го поставите прашањето на Марко Бислимоски чијшто брат сега ви е соработник во Извршниот одбор на СДСМ. Се надевам дека тој ќе ви даде попрецизен одговор од мене“,
изјави Мицкоски.
Го обвини СДСМ за манипулација во врска со наводите дека струјата ќе поскапи над 5, па и над 10 проценти.
На прашањето на Филипче зошто после година и половина Владата не направила ништо за да го зајакне енергетскиот сектор и производството на струја, за сега државата да е доведена во состојба да прогласи кризна состојба со снабдувањето на електрична енергија, Мицкоски вели:
„Изминатата година и половина повеќе од 50 луѓе кои го уништувале тоа кое е оставено од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно од времето кога јас бев директор на тогашното ЕЛЕМ, се или под истрага или се водат судски процеси, а поранешниот директор, висок поранешен функционер на СДСМ е во бегство. Ако е невин, ако е чесен, ќе дојде тука и ќе се соочи со органите и ќе каже зошто е тоа така. Дали кога говорите за енергетските капацитети мислите и на компании кои во минатото добиваа ексклузивно право да увезуваат јаглен и за тоа одредени јавни личности и политичари беа наградувани со скапи џипови кои ги возеа со полномошно на такви фирми и се префрлаа средства во соседството. Дали на тоа мислите кога зборувате за уништување на енергетскиот систем кога се купуваа хемикалии и останати средства кои не се потребни, за да се делат провизии на високи поранешни функционери од СДСМ во Вардарскиот, Пелагонискиот Регион итн?“
Мицкоски рече дека не знае како се оперира глава или срце, но знае кого да праша, порачувајќи му на Филипче дека ова не е негова тема, па затоа да праша некој што ги разбира овие работи.
„Тоа што вие го оставивте како влада во енергетскиот сектор, катаклизма е комплимент, но затоа оставивте позади себе десетици стотици милионери, политички профитери и лешинари, кои се талог на општеството“,
рече премиерот.
Пратеникот и лидер на СДСМ го праша премиерот дали кога зборува за „талог на општеството“ мисли на граѓаните.
„Знам дека сакате да зборувате за убави работи, но тоа се случува за мал круг на луѓе околу власта, не за целата држава. Секојдневните поплаки и проблеми се реални гласови на граѓани кои живеат тешко и заслужуваат почит, а не навреди“,
рече тој.
Според него, во периодот на владеењето на Социјалдемократскиот сојуз и покрај огромната криза цената на струјата била 5 до 6 пати поскапа и успеала да биде исконтролирана за разлика од сега.
„Ако сте имале толку капацитет да го менаџирате системот сте требале во изминатите година и половина да го направите тоа за сега граѓаните да немаат дополнителен трошок на сметките за струја. Нема оправдување, не знам како да ви кажам. Овие спинови ‘вие сте криви’, ‘има обвинети’ – не поминуваат. Ако има криминалци обвинети нека си одговараат – вие треба да си ја работите работата“,
рече Филипче.
