Набрзо по стапувањето на функцијата, Орце Ѓорѓиевски распиша тендер за набавка на 16 реквизити кои се очекува да чинат повеќе милиони евра. Идејата му е, вели, сегашниот парк да се прошири од сегашните околку 25 илјади квадратни метри на околу 85 илјади и да го поврзе со Зоолошката градина
Нема локални избори во последнава деценија и кусур на кои кандидатите за градоначалник на Скопје не дале ветување за изградба на нов Луна парк.
Градската администрација предводена од Коце Трајановски уште во 2009-та нарача физибилити студија од шпанска компанија. Пред и за време на предизборието во 2013-та година Трајановски најавуваше нов Луна Парк, но преку јавно-приватно партнерство
„На првиот тендер немаше никој пријавено, на вториот тендер се пријави италијанска компанија која за жал за малку не ги исполни критериумите, но се уште е заинтересирана. Во мојата изборна програма е ставено изградба на Луна парк“,
изјави Трајановски во 2013 г.
По неуспешните обиди да најде приватен партнер, Трајановски донесе одлука да набавува реквизити со пари на Градот, но дури на крајот на мандатот.
„Градот Скопје ќе добие нов Луна парк, очекуваме неговото функционирање да биде почетокот на следната година“,
рече Трајановски во 2017 г.
Трајановски ги изгуби изборите, дел од реквизитите стигнаа во земјава, а неколку месеци подоцна новиот градоначалник Петре Шилегов ја стопираше изведбата.
Иако најавуваше и други решенија, тој до крајот на мандатот се врати на старата идеја на неговиот претходник – со Луна Паркот да управа приватен партнер. Беше претставена и студија од италијанска фирма.
„Проектот за изградба би требало да биде до средината на јули и до август да ја распишеме конечната постапка за изградба на забавниот парк во Скопје“,
изјави Шилегов во 2021 г.
Шилегов ги изгуби изборите, а неговата наследничка Данела Арсовска прво вети дека ќе ги постави реквизитите набавени во времето на Коце Трајановски. Тоа никогаш не се случи. Исто како што никогаш не се случија нејзините најави за најдобар парк на Балканот.

На крајот на декември 2025 година, по децениски нереализирани ветувања Луна паркот сега изгледа вака: Обрасната трева, скинати мрежи, смет и искршени огради, зад кои детскиот џагор од минатото е заменет со непријатна тишина. Празниот простор е остаток од она што некогаш беше симбол на главниот град. Местото кое за многумина сега возрасни скопјани беше синоним за радост, денес е потсетник за тоа како изгледа децениски институционален заборав.

Новото во приказната за скопскиот „Луна парк“ е што Градот Скопје распиша оглас за набавка на вкупно 16 реквизити. Тоа значи дека новоизбраниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски се врати на решението – изградбата и управувањето да го прави локалната власт.
„Секој процес останат, а е надвор од тоа да градот Скопје сам го реализира сето ова, би значело можност да некој друг надвор од градот Скопје профитира од целава работа, но и тој да ги диктира цените и условите за влез во Луна паркот, не знам, користење на времето на реквизитите и сè останато, процес од којшто можеби ние ќе не можеме да влијаеме како главен град. Затоа што знаете дека тој што си е приватен инвеститор или би бил партнер во целата таа работа, логички е да си го гледа неговиот дел единствено во заработувачката. Останатите работи не би го интересирале него. А мене ќе ми биде цел во тој Луна парк да можат да влезат и дечиња од социјално ранливи семејства, коишто можеби кај приватен инвеститор или кај партнер на градот не би можеле да си дозволат да платат влезница таму“,
изјави Ѓорѓиевски.
Во замислите на претходните градски администрации имаше различни планови – од изградба на забавен парк на површина од 24 000 квадратни метри, како што е сега, до негово проширување за сметка на Градскиот парк.

Планот не Орце Георгиевски оди уште пошироко. Планира парк на 84 000 м2, што значи 60 000 м2 повеќе од сегашната парцела, а можноста за ширење е само во околното зеленило.
„Јас бев прецизен мислам дека во мојата објава, кога споменав дека крајната цел ќе биде поврзување на Зоолошка градина и Луна парк. И во тој обем е таа квадратура што ја велите вие, односно ја споменавте. Но, тоа не подразбира кратење на Градскиот парк, туку искористување на онаа градежна парцела целосно, од 24 850 квадрати, каде што и бил стариот Луна парк. Што значи дека не кратиме од Градскиот парк, но ќе правиме поврзување на содржините“,
рече Ѓорѓиевски.

„360 степени“ ги разгледа и условите во огласот за набавка, објавен на 13 декември. За на една фирма воопшто да и се разгледа понудата, ќе мора да има најмалку три договори за набавка и поставување на урбана опрема и реквизити во последните пет години, од кои…
„Најмалку еден договор да е со вредност не помала од 25.000.000,00 денари со вклучен ДДВ“,
пишува во огласот за јавни набавки.

Понатаму, се бара за времетраење на договорот, економскиот оператор да обезбеди минимум 40 вработени или ангажирани лица.
„На целиот тим којшто работи на таа проблематика, единствено нешто им побарав: Да критериумите бидат строги, да не се случи да имаме ние импровизација, пред сè за безбедноста на децата, а подоцна и да не се соочиме и со состојби какви што ги одглавувам денес – еве клучката Момин поток на пример, каде што по неколку години започнати проекти стојат како споменици низ главниот град. Значи треба да биде сериозна компанија, којашто пред сè имала искуство во реализација на вакво нешто. Не може фабрика за месо да прави Луна парк во главниот град“,
вели градоначалникот.
Според документацијата од тендерот, за новиот Луна парк сега ќе се купуваат вкупно 16 реквизити. Ова е целосниот список:
1. Туркање со автомобилчиња
2. Мини ролеркостер
3. Мали авиончиња
4. Возење со шолји од чај
5. Детски ролеркостер
6. Авантуристичка машина за вртење
7. Панорамско тркало
8. Семеен ролеркостер
9. Пиратски брод
10. Адреналинска машина за летање
11. Мал пиратски брод
12. Вовче на шини
13. Мини панорамско тркало)
14. Возење со кенгури
15. Возење со балон
16. Рингишпил

Некои реквизити имаат речиси унифицирани цени, но за други има огромни разлики зависно од варијантата или големината на изведбата. Секако ќе станува збор за сума која ќе се мери во милиони евра.
„Скопјани се лојални граѓани, граѓани коишто си ги плаќаат обврските према градот и заслужуваат конечно да добијат, особено нашите најмлади во градот Скопје, да добијат таков тип на забава во главниот град“,
вели Ѓорѓевски.

Крајниот рок за доставување понуди е 13 јануари. Очекувањата се оти скопјани би го добиле децениското ветување до јуни 2027 година, барем според новата администрација.
