Со цел да се избегнат трагични инциденти, пожари или паника при масовни собири, ДЗС нагласува дека почитувањето на прописите за безбедност не е избор, туку задолжителна одговорност на секој организатор

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати апел до сопствениците на угостителски објекти и организаторите на прослави, потсетувајќи ги да постапуваат одговорно и целосно да ги почитуваат прописите за заштита од пожари и за безбедност на посетителите.
Со цел да се избегнат трагични инциденти, пожари или паника при масовни собири, ДЗС нагласува дека почитувањето на прописите за безбедност не е избор, туку задолжителна одговорност на секој организатор.
За да се осигура максимална заштита на посетителите, ДЗС посочува дека е задолжително почитување на максимално дозволениот број на гости во објектот, сите коридори и патишта за евакуација мора да бидат чисти, а излезните врати отклучени и функционални. Исто така, се наведува дека противпожарните апарати мора да бидат редовно одржувани и веднаш достапни за употреба, а забрането е користење на пиротехнички средства и да не се користи отворен пламен во затворени простории или други потенцијално опасни материјали спротивно на законските прописи.
Од ДЗС посочуваат дека вработените мора да знаат како да реагираат во случај на итна состојба или евакуација.
Истовремено, ДЗС упати благодарност до медиумите за нивната улога во подигнувањето на јавната свест, со цел празничната атмосфера да помине во мирна и безбедна средина.
