Сепак, ваквата одлука не ѝ дава на НИС овластување да работи во периодот на разговорите за наоѓање потенцијален нов мнозински сопственик на компанијата
Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави ѝ издаде нова лиценца на Нафтената индустрија на Србија (НИС) со која се продолжува можноста за преговори за продажба на рускиот удел во компанијата до 24 март 2026 година.

Сепак, ваквата одлука не ѝ дава на НИС овластување да работи во периодот на разговорите за наоѓање потенцијален нов мнозински сопственик на компанијата.
Коментирајќи ја веста, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека за Србија не значи ништо продолжувањето на рокот за преговори за продажба на рускиот удел во НИС.
„За нас се важни дериватите“,
рече Вучиќ.
Тој нагласи дека поради санкциите на САД врз НИС, Србија е принудена да увезува големи количини гориво секој ден и дека проблемот со снабдувањето со енергија мора брзо да се реши. Српскиот претседател претходно изјави дека Србија интензивно увезува гориво и дека има доволно барем до 15 или 25 јануари.
Нафтената индустрија на Србија беше ставена на списокот на санкции на САД на 10 јануари поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно мнозинското руско сопствеништво на компанијата. Од јануари, САД го одложија спроведувањето на санкциите осум пати. Санкциите на САД имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина преку пари што доаѓаат од руски енергетски компании.
