Дополнително, како што наведуваат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во текот на разговорот со бугарскиот министер Георг Георгиев, министерот Тимчо Муцунски истакнал дека ако Бугарија има потреба од ваква или слична помош, тогаш Македонија е целосно на располагање
Македонија ја одби понудената помош од Бугарија во врска со справувањето со кризната состојба што македонската влада ја прогласи вчера, а која се однесува на снабдувањето со електрична енергија во земјава.

Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, за време на денешниот телефонски разговор со својот бугарски колега Георг Георгиев, шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски му се заблагодарил за понудената помош и му рекол оти во моментов земјава нема потреба од дополнителна поддршка.
„Утрово беше остварен телефонски разговор меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев. Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка бидејќи состојбата е стабилна“,
велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Дополнително, како што наведуваат оттаму, во текот на разговорот со Георгиев, министерот Муцунски истакнал дека ако Бугарија има потреба од ваква или слична помош, тогаш Македонија е целосно на располагање.
Помошта што Бугарија ѝ ја понуди на земјава уследи еден ден откако Владата донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата во рок од седум дена.
