Првоосомничениот во случајот, според Обвинителството, го принудувал детето да консумира дроги, а откако го довел во состојба да не може физички и ментално да одлучува за своите постапки, почнал да го подведува да им дава сексуални услуги на другите осомничени и на други засега неидентификувани лица
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истражна постапка против пет лица кои се товарат дека повеќе од една и пол година сексуално искористувале 15-годишно девојче, жртва на трговија со луѓе.

Истрагата, како што соопштија денеска од ОЈО ГОКК, е отворена по поднесена кривична пријава од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Министерството за внатрешни работи (МВР).
Според Обвинителството, првоосомничениот во случајот, од есента 2023 година до крајот на 2024 година, во Тетово, откако започнал емотивна врска со тогаш петнаесетгодишната жртва, ја злоупотребил положбата на љубовен партнер и почнал да манипулира со девојчето. Го принудувал да консумира дроги, а откако ја довел жртвата во состојба да не може физички и ментално да одлучува за своите постапки, почнал да ја подведува да им дава сексуални услуги на другите осомничени и на други засега неидентификувани лица.
„Користејќи различни форми на принуда ѝ овозможил на жртвата да консумира психотропни супстанции, со што ја доведувал во состојба на физичка или ментална неспособност воспоставувајќи контрола врз неа. Лишувајќи ја од способност самостојно да донесува одлуки го вовлекол детето-жртва во состојба на сексуална експлоатација. Заради остварување имотна корист, ја подведувал жртвата да дава сексуални услуги, а на другите осомничени и други неидентификувани лица им овозможил да користат сексуални услуги од детето – жртва, кои иако знаеле и биле должни и можеле да знаат дека е жртва на трговија со луѓе, сепак ги користеле сексуалните услуги и му плаќале на осомничениот директно или преку детето – жртва“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Оттаму додаваат дека, ценејќи ги околностите, надлежниот јавен обвинител утврдил дека се исполнети условите за определување притвор и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи мерката да им ја определи на сите петмина осомничени.
Во врска со случајот, денеска попладне информираа и од Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што ги објавија и иницијалите на осомничените.
Првоосомничениот е 25-годишниот Ф. М., против кого е поднесена кривична пријава за делото трговија со дете. За истото дело се товарат уште тројца осомничени И. Д. (56), А. С. (30) и Л. С. (28), додека против петтоосомничениот Р. М. (31) е поднесена кривична пријава за делото полов напад и силување.
