Според гувернерот на Народната банка, очекувањата за следната година се дека инфлацијата и натаму ќе се намалува и ќе биде меѓу 2,5 и 3 проценти, додека на среден рок вели дека ќе се достигнат историски најниските нивоа од околу два проценти

Годината ќе ја завршиме со инфлација од четири или приближно четири проценти, како што е и проекцијата на централната банка, вели гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Според Славески, очекувањата за следната година се дека инфлацијата и натаму ќе се намалува и ќе биде меѓу 2,5 и 3 проценти, додека на среден рок вели дека ќе се достигнат историски најниските нивоа од околу два проценти.
Тој со стабилизирањето на инфлацијата смета дека нагорниот тренд не е преобратен и оти има мали промени од месец во месец.
„Инфлацијата имаше надолен тек во првите месеци од годината и на изненадување забрза неколку месеци, но летото забележавме дека дури имавме месеци со дефлација, минус 0,2 проценти, така беше мислам во август во однос на јули. Во октомври имаме раст од 4,5 проценти. И проекциите и очекувањата упатуваат на тоа дека годишната инфлација за оваа година ќе биде во рамки на нашата проекција, односно околу четири или блиску до четири проценти. Нашата проекција беше 3,9 проценти, а проекциите за наредната година ви се познати“,
рече Славески на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Статистичките податоци за инфлацијата во декември се очекува да бидат објавени на 8 јануари. Статистика измери дека во ноември трошоците за живот на годишно ниво се зголемени за 4 проценти.
