„Работиме и на програма што ќе значи дополнителна помош за ‘Македонска пошта‘ и во делот на софтвер, сортирки, просторни услови и можност за испорачување најдобри услуги на пазарот“, рече вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски
„Македонска пошта“ од следниот месец ќе добие 100 нови возила, како донација од Владата, соопшти денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во обраќањето на јавниот состанок што го одржа Агенцијата за пошти.

Со 10 големи и 90 помали комбиња, според него, се очекува да се подобрат условите за работа на „Пошта“.
„Работиме и на програма што ќе значи дополнителна помош за ‘Македонска пошта‘ и во делот на софтвер, сортирки, просторни услови и можност за испорачување најдобри услуги на пазарот. Во таа насока, соработката со Агенцијата за пошти има клучна улога“,
рече Николоски.
Посочи дека традиционалниот начин на трговија полека изумира, а за сметка на тоа сè поактивна станува е-трговијата, за што додаде дека земјава мора да го фати чекорот.
„Со е-трговијата овој сектор ќе биде апсолутно активен. Ќе гледаме многу затворени дуќани, како и трговски центри што нема да можат да опстанат, а ќе има многу повеќе пратки што ќе доаѓаат до крајните корисници, до нивната адреса и тоа треба да го направите вие. Да ги фатиме светските трендови. Се надевам дека ќе се отвораат нови пошти и ќе се зголемува работата во постојните“,
вели тој.
Според него, државната и приватните пошти треба да работат профитабилно, да имаат што повеќе вработени, но и да немаме приказни како што беа тие во минатото.
„Мојата намера е ‘Македонска пошта‘ да расте, а не да пропаѓа“,
кажа вицепремиерот и министер за транспорт.
Во земјава работат 29 фирми што вршат поштенски услуги, од кои 28 се со општо овластување за обезбедување поштенски услуги и АД „Пошта на Македонија“ како државна компанија.
